Трифонов не се повлекува поради С. Македонија, тоа е измислена причина, вели министер од неговата партија

од Nikola Popovski

Петмина пратеници и бугарискиот министер за спорт во оставка Радостин Василев ја загубија довербата во Слави Трифонов и ја напуштија пратеничката група на „Има таков народ“ во парламентот. Ова го соопштил денеска Василев на прес-конференција на националниот стадион „Васил Левски“ во Софија.

„Како министер за млади и спорт, покрај мојата оставка, повеќе не можам да ги поддржувам постапките на лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов и ја загубив довербата во него. Бугарија ми е поважна отколку задкулисните интереси на група луѓе кои најверојатно го контролираат нашиот лидер“, изјавил Василев.

„Однесувањето на господинот Трифонов како единствен сопственик на оваа партија во последната година доведе до самоомаловажување на оваа партија, а неговите неодамнешни постапки доведоа до деконструкција на државата. Република Северна Македонија не е причина за повлекување на ИТН од владејачката коалиција“, изјавил Василев.

„Апсолутно измислена причина. Причината е всушност друга – што не можам да сфатам, најверојатно, некои финансиски интереси, некаде. Сигурен сум дека господинот Трифонов не е жеден за власт. Тој е бизнисмен“, потенцирал министерот во оставка.

Слични содржини