Правата на Бугарите во С. Македонија не можат да трпат одложување. Сега имаме историска можност да се бориме за нашите браќа. Ова е нашиот безусловен бугарски долг, вака напишал лидерот на бугарската партија „Има таков народ“, шоуменот Слави Трифонов.
Според него, „кревањето на бугарското вето, пред влегувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, е одложување на решавањето на проблемот со човековите права на Бугарите“.
Тој на својот профил на Фејсбук цитирал дел од зборовите на Петар Колев, првиот човек на Граѓанско-демократската унија и еден од најактивните поборници за правата на Бугарите во Македонија, кој гостувал на една бугарска емисија.
„Во последниот период неколку пати беа палени бугарски симболи, а беа нападнати и пробугарски активисти во Северна Македонија. Овој случај во Битола не е случаен. Ова е јасен тренд. Бугарскиот народ никогаш нема да не предаде нас Бугарите во Македонија. И кој ќе се обиде да го направи ова, ќе се соочи со бугарскиот народ,“, изјавил меѓу другото Колев, напишал Трифонов.