Трипуновски во посета на струмичкиот регион

од Ивана Рамаданова
330 прегледи

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска се сретна со земјоделците од село Сарај, Општина Босилово, а ќе ги посети и Ново Село, Струмица и Општина Василево.

Како што соопшти Кабинетот на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, целта е Трипуновски да се запознае со предлозите и забелешките на земјоделците.

„Во моментов се расадува пролетната зелка, меѓутоа она што сакам да го потенцирам е дека во валандовскиот и гевгелскиот регион каде што во моментов се случува откупот на зимската зелка таму речиси откупот да е застант. И цената, онаа минимална цена, по која што се откупува е околу 3 до 4 денари. Со оглед на временските услови може да се дојде во ситуација да се преклопат зимската и пролетната зелка во овој регион што ќе значи практично наплив на количина на оваа култура, а нормално во таква ситуација цената ќе биде можеби многу ниска и практично откупот да биде доведен во знак прашање“, изјави Трипуновски.

Тој апелира до ресорното министерство и до Инспекторатот кој е надлежен во овој регион навремено да преземат мерки се со цел, како што рече, да се превенираат вакви несакани ситуации кои ќе значат полоша егзистенција на луѓето од овој крај.

„Како дополнителен заменик-министер и на земјоделците овде, во Сарај, им ветив дека ќе бидам постојано помеѓу нив, дека ќе бидам заштитник на нивните права и интереси и дека тоа ќе го извршувам до крајниот ден, а тоа е 12 април кога ќе се случи промената во Република Македонија. И во оние краеви во кои што бев изминативе денови, Ресен, Прилепско, во делот на кочанското поле, речиси секаде ситуацијата е иста, а тоа е дека имаме неисплатени субвенции, дека имаме партиски притисоци врз земјоделците, кои во сопствените изјави го потврдуваат тоа. Речиси еден игнорантски однос на Министерството и платежната агенција во делот на исплатата на субвенции, кое е едно од најгорливите прашања што земјоделците го потенцираат и нормално си ги очекуваат своите заработени пари во смисла на субвенции и поддршка од програмите кои ги има Министерството“, вели Трипуновски.

Слични содржини