Триста милиони долари за „дупка“ длабока 15 милијарди

од Vladimir Zorba

Итна хуманитарна помош од 298 милиони долари беше собрана на донаторската видео конференција за Либан, чиј главен град Бејрут неодамна беше погоден од голема експлозија, соопшти канцеларијата на францускиот претседател Емануел Макрон.

Емануел Макрон е домаќин на донаторска видео-конференција за Либан, каде експлозијата во пристаништето во главниот град на Бејрут предизвика штета од пет до 15 милијарди долари, откако земјата беше на работ на економски колапс дури и пред несреќата.

Кабинетот на францускиот претседател објави дека е собрана итна хуманитарна помош од 298 милиони долари.

Макрон, првиот светски лидер што го посети Либан по несреќата, рече на отворањето на конференцијата дека светските сили се должни да му помогнат на либанскиот народ, пренесува Ројтерс.

„Ние мора да дејствуваме брзо и ефикасно, така што оваа помош ќе оди директно таму каде што е потребно“, рече Макрон, додавајќи дека „иднината на Либан е во прашање“.

Тој посочи дека понудата на помош вклучува поддршка за непристрасна, веродостојна и независна истрага за експлозијата во пристаништето во Бејрут на 4 август, во која загинаа 158 лица.

Конференцијата се одржува со поддршка на ООН, а во него учествува и американскиот претседател Доналд Трамп преку видео-врска.

„Секој сака да помогне“, објави американскиот претседател на Твитер.

Претставници на Велика Британија, Европската унија, Кина, Русија, Египет и Јордан се исто така на конференцијата.

Слични содржини