Триумф на „Oppenheimer“ и „Poor Things“ на Златните глобуси

од Nikola Popovski
468 прегледи

Историската драма за научникот Џ. Роберт Опенхајмер „Oppenheimer“ на британскиот режисер Кристофер Нолан и готската комедија за почината жена која научниците ја оживуваат „Poor Things“ на грчкиот режисер Јоргос Лантимос триумфираа на церемонијата на доделување на Златните глобуси во Лос Анџелес синоќа, пренесува Ројтерс.

„Oppenheimer “ е прогласен за најдобар драмски игран филм, а „Poor Things“ за најдобра комедија или мјузикл.

Ѕвездата на „Oppenheimer“ Силијан Марфи ја доби наградата за најдобар актер за неговиот портрет на Џ. Роберт Опенхајмер, додека Ема Стоун ја освои наградата за најдобра актерка во филмска комедија или мјузикл.

Златен глобус за најдобра актерка во драма го освои Лили Гладстон за улогата во филмот „Killers of the Flower Moon“, додека за најдобар актер во комедија беше прогласен Пол Џамати за улогата во филмот „The Holdovers “.

Кристофер Нолан е прогласен за најдобар режисер за „Oppenheimer“, а Роберт Дауни Џуниор, кој во тој филм го играше непријателот на Опенхајмер, ја доби наградата за најдобра споредна машка улога.

Да’Вајн Џој Рендолф го освои Глобусот за најдобра споредна женска улога во филмот „The Holdovers“.

За најдобар странски филм е прогласена француската драма „Anatomy of a Fall“, која ја доби и наградата за најдобро сценарио.

Наградата за најдобар анимиран филм ја доби „The Boy and The Heron“.

Што се однесува до телевизијата, „The Succesion“ е прогласена за најдобра драмска серија, а серијата за проблемите што ги мачат сопствениците на успешен ресторан „The Bear“ за најдобра комедија.

По неколкуте скандали што го снајдоа Здружението на странски новинари кои ги следат настаните во Холивуд, годинава во гласањето учествуваа приближно 300 новинари.

Златните глобуси го означуваат почетокот на сезоната на награди во Холивуд, која ќе кулминира со Оскарите.

Слични содржини