Тривиќ: Поради изборна кражба нема да ги признаам резултатите од изборите за претседател на РС

од Stefanija Kuzmanovska
224 прегледи

Партијата за демократски напредок (ПДП) денеска повтори дека победила кандидатката на партијата за претседател на Република Српска, Јелена Тривиќ, но дека во текот на ноќта имало изборни фалсификати, поради што Додик имал подобар резултат.

„Да повториме уште еднаш, не се откажуваме, Јелена Тривиќ е победник. Резултатите што ги имавме беа точни, не знаеме што се случи преку ноќ. ПДП подготвува сериозни правни дејствија против ЦИК врз основа на манипулациите и кражбите кои ни беа пријавени, а кои беа извршени во текот на ноќта“, рече претседателот на ПДП Бранислав Бореновиќ.

Тој посочи дека постои можност изборите за претседател на РС да бидат поништени во голем број на места и градови.

„Во Зворник разликата меѓу нив двајца е 5.000 гласа, во Приједор околу 33 отсто, исто 5.000 гласа. Во Добој кражбата е евидентна, бидејќи според фалсификуваните изборни резултати, Додик таму победил со десет илјади гласови. Тоа е невозможно“, рече тој.

Тривиќ денеска објави дека ПДП нашла докази на десетици избирачки места дека таа, како еден од двајцата кандидати меѓу кои се води најголемата битка, добила или нула или многу мал број гласови, еден или два, а дека нејзините гласови биле запишани на други кандидати од листата за претседател на РС.

Таа објави видео клип од телевизијата БН на Бијелина во кое претседателот на избирачкиот одбор во Крајишник кај Градишка, каде што е родена нејзината мајка, јавно признава дека ги регистрирал нејзините гласови за друг кандидат, Зоран Калиниќ од „Наша прича-РС“.

„Наместо неа, внесов информација за Зоран Калиниќ, кој беше над Јелена на гласачкото ливче, а за неа внесов три нули“, изјавил Гутиќ.

На новинарско прашање дали знае дека се работи за кривично дело, тој одговори дека знаел за тоа, но дека во договор со Градската изборна комисија на Градишка не ги променил податоците, бидејќи му било кажано „дека пребројувањето ќе се повтори“.

„Повеќе од 32.000 неважечки гласачки ливчиња, бројни неправилности во Добој, Зворник и Приједор и низ Република Српска, заедно со многу неправилности, појава на ‘слепи’ лица, покажувачи, исфрлање набљудувачи од избирачкото место, отворање вреќи во текот на ноќта, менување на записникот… Сето тоа се причините поради кои нема да ги признаам изборните резултати за нов претседател на РС и ќе инсистираме во ЦИК на БИХ да се повторат изборите“, посочи Тривиќ.

Таа додаде дека правниот тим на ПДП сè документирал и го предал на надлежните институции, нагласувајќи дека ќе ги употребат сите цивилизирани и демократски средства за расчистување на работите, за да се почитува волјата на народот.

Според податоците што утрово ги објави Централната изборна комисија на БиХ (ЦИК БиХ), Милорад Додик (СНСД) води во трката за претседател на Република Српска во однос на неговата противкандидатка Јелена Тривиќ (ПДП).

Ова се резултатите врз основа на 527.418 обработени гласови, според кои Додик освоил 48,80 отсто, а Јелена Тривиќ 42,69 отсто од гласовите.

ПДП синоќа ја објави победата на Јелена Тривиќ за претседател на РС, а два часа подоцна победа прогласи и Додик.

Слични содржини