„Тривити“ онлајн платформа за пазарот на труд

од Берта Китинска
552 прегледи

„Тривити“ е првата македонска алатка за пребарување наменета за луѓето кои бараат работа и за компаниите кои вработуваат.

Платформата http://www.thrivity.mk веќе е достапна за корисниците, а е резултат на сратешкото партнерство на консултантската фирма од областа на управувањето со човечки капитал „АПОД“ и македонската ИТ фирма „ХАСЕЛТ“.

Работи на тој принцип што луѓето кои бараат работа и компаниите кои бараат работници креираат свои профили. Кога компанијата ќе објави оглас, Тривити ќе започне со пребарување и ќе ги идентификува потребите наведени во огласот, ќе ги поврзе со потенцијалните профили/луѓе и, во реално време, ќе ѝ испрати листа на потенцијални кандидати на компанијата.

Листата што ќе ја добие компанијата е целосно анонимна, односно компанијата не е во можност да ја види професионалната биографија на кандидатот, а ако сака да пристапи на некој од предложените профили, компанијата ќе испрати барање за контакт, по што кандидатот има можност да го прифати или да го одбие барањето.

Во целиот процес кандидатот има комплетен увид на компанискиот профил и на огласот којшто е објавен. Професионалната биографија на кандидатот ќе биде видлива за компанијата само ако тој/таа го прифати барањето за контакт.

– „Уверени сме дека компаниите во Македонија за кратко време ќе ги препознаат вредностите на „Тривити“ и ќе станат дел од нашата платформа,  односно лицата кои се амбициозни и кои посакуваат работа според своите способности, знаења и компетенции, ќе пополнат лични профили и спојувањето ќе започне. Наша искрена цел е да ги инспирираме лицата да ја пронајдат работата според својот потенцијал, а компаниите да добијат високо мотивирани и ангажирани вработени кои ќе ја сакаат својата работа, изјави Поликарп Арсеновски од компанијата АПОД која е носител на проектот.

Платформата е поддржана и од Фондот за иновации и технолошки развој.

Слични содржини