Трката може да почне: Поднесени кандидатурите за претседател на државата

од Nikola Popovski

Сите седум кандидати за претседател, кои собраа потписи за поддршка од граѓаните, ги поднесоа кандидатурите до Државната изборна комисија (ДИК) за учество на изборите во април. Изборната листа за претседател вчера ја доставија кандидатот на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатот на Левица – Билјана Ванковска, како и Бујар Османи – министер за надворешни работи и кандидат на ДУИ.

Кандидатурата пред два дена ја поднесоа претседателот Стево Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ, градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, градоначалникот на Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди.

Во роковникот за претседателските избори е предвидено ДИК да провери дали кандидатите ги исполнуваат условите предвидени со Уставот и да ги завери листите доколку се исполнети условите.

Пријавени беа 15 кандидати за собирање потписи за поддршка на кандидатите за изборите за претседател, во рок од 23 февруари до 8 март, од кои осум не ги собраа потребните 10.000 потписи од запишаните избирачи.

Кампањата за претседателските избори ќе започне на 4 април.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи во среда на 24 април, а вториот во среда на 8 мај заедно со парламентарните избори.

Слични содржини