Бројот на загинати во разорните земјотреси што ги погодија Турција и Сирија надмина 46.000, а од Турција денеска дојде веста дека спасувачите ќе ја продолжат потрагата само во две провинции, додека во сите други е прекината.
Имено, секојдневно сме сведоци на шокантни сцени од овие области кои беа целосно уништени од земјотресите, а она што го заинтригира целиот свет беа балоните кои се поставени на урнатините во Хатај.
Многу луѓе се прашуваа зошто на урнатините има црвени, сини и розови балони.
Како што јавува Би-Би-Си, овие балони биле прикачени во спомен на децата загинати во разорните земјотреси, а биле поставени од волонтери од Турција.
#TurkeyEarthquake : Red balloons placed in rubble of devastated homes in #Hatay in memory of children who died in the earthquake #depremhatay pic.twitter.com/XkZZuwiVT6
— sebastian usher (@sebusher) February 19, 2023
Имено, волонтери предводени од фотографот Огун Норт Окура, кои се членови на детската асоцијација Огун Аби, се искачиле на урнатините во Хатај и прикачиле балони на металните жици кои штрчат од купот отпад.
Тие првично ги идентификуваат локациите каде загинале децата, а потоа оставиле балони на влезовите во урнатините.
„Секој балон што го гледате овде претставува дете кое починало“, изјави за турските медиуми основачот на ова здружение, фотографот Огун Север Окур.
Како што наведува Окур, тие сакаат да постават балони низ целиот Хатај.
„Се трудиме да го зачуваме споменот на децата кои ги загубија животите. Посакувам да ги ставевме овие балони во рацете на децата. За жал, ги загубивме нашите деца. Ова беше градинка и во зградата живееја многу деца. Каде и да згазнеме, каде што живееја деца, размислуваме да ги закачиме овие балони“, изјави тој за турските медиуми, пренесе „Хуриет“.
Во еден момент, Окур истакнал дека членовите на здружението учествувале во спасувачките мисии во Адана и Хатај во првата недела по разорниот земјотрес.
„Кога ми предадоа тело на дете, дел од мене се скрши“, изјави Окур.