Тројца пожарникари меѓу повредените од пожарот во Кочани

од Nikola Popovski
55 прегледи

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски информира дека вчера биле хоспитализирани нови 20 случаи, вклучувајќи три пожарникари. Со тоа и покрај преносот во странство бројот на хоспитализирани е околу 90 повредени и тоа во Клинички центар 60 лица, ГОБ 8 септември 17 лица и Св. Наум Охридски 12 лица.

На тоа се додаваат и 8 повредени во клиниките Аџибадем Систина и 6 повредени во Жан Митрев.

Покрај обезбедувањето медицинска нега во земјата, дел од пациентите се транспортирани во здравствени установи во странство, благодарение на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји: Литванија – 4 пациенти, Австрија – 2 пациенти, Словенија – 2 пациенти, Република Србија – 12 пациенти, Република Бугарија – 1 пациент.

Во знак на сочувство за настраданите во пожарот во Кочани во кој животот го загубија 59 млади лица, а над 150 се повредени и хоспитализирани, денеска ден на жалост прогласија Србија, Бугарија, Босна и Хрцеговина, а вчера и Црна Гора.

Српската Влада, на предлог на претседателот Александар Вучиќ, го прогласи 18 март за ден на жалост. Во Србија на лекување се испратени и дел од повредените во Кочани. Нив вчера ги посети претседателот Вучиќ, кој кажа дека во здравствените установи во Србија ќе бидат згрижени вкупно 29 повредени лица.

И бугарската Влада на вонредна седница донесе одлука денеска да биде ден на жалост во знак на солидарност со Македонија. Премиерот Росен Жељазков изрази сочувство до семејствата на загинатите и надеж за успешно закрепнување на повредените. Тој информира дека во моментов во Бугарија се лекуваат 14 македонски државјани во болници во Софија, Пловдив и Варна. Искажа подготвеност за прием и на други повредени доколку има потреба.

Слични содржини