Тројката на ОБСЕ – Малта, Македонија и Финска денеска остро го осудија насилниот одговор на властите во Грузија на мирните протести на грузиското граѓанско општество, независните медиуми и политичарите кои се залагаат за демократската иднина на земјата и повикаа на истрага за сите наводи на насилство и казнување на одговорните .
Во соопштението се повикуваат грузиските власти веднаш да прекинат со употребата на репресивни тактики и заплашување, вклучително и произволно приведување и физичко насилство, објавено е на веб-страницата на ОБСЕ.
Исто така, се повикуваат грузиските власти да го гарантираат правото на слобода на собирање и слобода на изразување во согласност со меѓународните обврски на Грузија.
Од 1 јануари 2024 година, Малта од Македонија го презеде едногодишното претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), а претседавањето го врши шефот на дипломатијата Иан Борг.
Изборот на Малта како претседавач со ОБСЕ беше постигнат по неколкуте неуспешни обиди да се постигне консензус за единствената земја кандидат за претседавањето со Организацијата за 2024 година – Естонија – поради ветата кои ги доби од Русија и Белорусија.