Тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ против предвремени избори

од desk2
157 прегледи

Тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не се потпишале на иницијативата за распуштање на Собранието, вели лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Пратеничката Даниела Рангелова, која е една од тројцата што одбиле, вели дека партијата не требала да се занимава со ефтини политички игри и трикови, пишува радио Слободна Европа.

Пет пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се потпишаа на иницијативата која е заклучок на највисоките партиски тела за распуштање на Собранието што треба да доведе до предвремени избори.

На предлог одлуката за распуштање на Собранието поднесена неделава од пратеничката група на опозициската партија ги нема потписите на Илија Димовски, Даниела Рангелова, Никола Попоски, Иван Иванов и Крсто Јовановски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервјуто за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела, објаснува дека некои од нив биле отсутни, а тројца не потпишале.

“Триесет и тројца се потпишаа на барањето, двајца се службено отсутни, еден знаете дека се наоѓа на локација во Будимпешта и да бидам прецизен тројца не го потпишаа барањето”, вели Мицкоски.

Тој не одговара на прашањето кои се тие тројца нагласувајќи дека не сакал да ги именува. Дента кога е поднесена иницијативата до Собранието, собранискиот спикер Талат Џафери како отсутни на пленарната седница ги споменува пратениците Иван Иванов, Никола Попоски и Крсто Јовановски.

Како што се дознава, Илија Димовски, Даниела Рангелова и Крсто Јовановски се пратениците кои не се потпишале. Рангелова во изјава за РСЕ вели дека има неколку причини поради кои не ја потпишала иницијативата. Како дел од нив ги набројува и дека им било понудено од координаторот на пратеничката група да се потпишат на бел лист хартија со образложение дека е за иницијатива за распуштање на собранието, но истовремено, додава таа, координаторот им соопштил дека однапред знаат дека истата ќе биде отфрлена.

“Ја не сум лицемерна пред граѓаните и не учествувам во такви политички гимнастики. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се посвети на реформскиот процес, да понуди проекти за повисок животен стандард и нови работни места за граѓаните, а не да се занимава со ефтини политички игри и трикови кои се прочитливи за само неколку часа. Моето мото е државните интереси пред партиските и личните”, вели Рангелова.

Целиот текст ТУКА