Трошановски: На Власта ќе и биде многу тешко да прави баланс помеѓу САД и Европската Унија

Македонската дипломатија става поголем акцент на оската САД, Унгарија и Турција, и тоа се следи преку диверзификацијата на надворешната политика која е резултат на глобалната геополитика и односот на силите, и во таа смисла е разбирливо до некаде дел од дипломатскиот капитал да го насочииме кон зајакување на односите со овие земји, особен во контекст на еден нов мултиполарен свет

од Даниел Ѓорѓиевски
242 прегледи

За очекување е надворешната политика на Македонија да става поголем акцент на оската САД, Унгарија и Турција, изјави за „Локално“ политичкиот аналитичар Марко Трошановски. Според него ваквите потези се должат на новата геополитичка реалност и однос на силите кои ја принудуваат нашата дипломатија преку диверзификација да носи одлуки кои не се во согласност со Европската Унија.

„Јасно е дека е ставен поголем акцент на оската САД, Унгарија и Турција, односно на диверзификација на надворешната политика на владата, евиденто е. Исто така, за разика од минатиот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, картата на светот и односите на силите темелно се менуваат и во таа смисла е разбирливо до некаде дел од дипломатскиот капитал да го насочиме токму кон оваа оска“, изјави Трошановски.

На прашањето дали по пехот во ОН со украинската резолуција, и молкот за историската расправија, која може да донесе и трета светска војна, барем според Трамп, Мицкоски ќе биде изолиран од Европа, Трошановски одговори дека ќе биде вистински предизвик за нас како земја да правиме балансирање помеѓу Европската Унија и САД за војната во Украина.

Трошановски како решение за поларитетот на Владата гледа во прекинот на војната со Украина, момент кој според него ќе даде правец каде и како ќе се движи светската политика, но сепак предупредува на претпазливост во нашата поддршка за САД бидејќи зависиме од Европската Унија.

Марко Трошански

Марко Трошански

„Мислам дека ќе биде многу тешко да се прави баланс помеѓу САД и Европската Унија, и затоа треба да бидеме многу внимателни како и каде избираме и какви одлуки носиме, зошто треба да имаме во предвид дека ние природно припаѓаме во Европа, трговски, економски, енергетски, географски, културолошки и мораме да ги задржиме добрите односи со Унијата и земјите членки. За очекување е да имаме добри односи со САД поради безбедност, но тоа не мора да биде толку нагласено бидејќи тоа и не е толку нужно“, смета Трошановски.

Трошановски смета дека во моментов не може да се направи проценка дали македонската дипломатија избира страна и гледа сојузник во Русија, но тоа ќе зависи од европската агенда на државата.

„Владата треба допрва да покаже дека ќе остане посветена кон евроинтеграцискиот процес бидејќи од она што може да се види барем за сега што се однесува на планот на раст, односно реформската агенда, очигледно е дека нема некои големи поместување и спроведување на реформи со за коишто сме се обврзале како држава, секако и дека далеку е отпочнувањето на преговорите со Европската Унија и доколку не се следи европската агенда и не се исполнат комплементарните евроинтеграциски процеси се може да се очекува“, завршува Трошановски.

Д.Ѓ.

Слични содржини