Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека шансите за обединување на Соединетите Американски Држави (САД) и Канада се еднакви на шансите за „снежна топка во пеколот“, реагирајќи на тој начин на изјавата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека двете земји би можеле да се интегрираат, пренесуваат канадските медиуми.
Трудо реагираше на изјавата на идниот американски претседател на прес-конференција во Палм Бич, каде Трамп рече дека може да употреби „економска сила“ за да ја интегрира Канада во границите на САД.
„Би се ослободиле од вештачката граница, а тоа би било добро и за националната безбедност“, нагласи Трамп, додавајќи дека САД во суштина ја штитат Канада.
Трамп ја критикуваше високата увозна цена што САД ја плаќаат за производи од Канада и изјави дека САД немаат обврска економски да и помагаат на Канада.
За време на претседателската кампања, во која ја победи демократската кандидатка Камала Харис, Трамп не спомна бришење на границите меѓу двете земји, но веќе во неколку наврати изјави дека би сакал да ја види Канада како 51-ва американска држава.
Иако нагласи дека не размислува за употреба на воена сила кога е во прашање Канада, Трамп во исто време не ја исклучи можноста за употреба на сила со цел Америка да ја врати контролата врз Панамскиот канал или да го анектира Гренланд кој е дел од данската територија.
Вкупната трговска размена меѓу САД и Канада беше 923 милијарди долари во 2023 година, при што САД имаа дефицит од 41 милијарда долари.