Трудовиот инспекторат ќе врши инспекциски надзор во Бапал и Стед Комерц за неисплатено К-15

од Aleksandar Todeski
657 прегледи

Вработени во фирмите Бапал Благој и Стед Комерц, комапнии кои ги добија тендерите за чистење и тековно одржување пријавиле дека не добиле К-15, откако Локално објави дека тие не го исплатиле законски загарантираниот регрес на вработените. Според нашите информации, било пријавено во Државниот инспекторат за труд, а како што ни изјавија од Хелсиншкиот комитет за човекови права, пријава за неисплатен регрес во Бапал стигнала и кај нив.

„Кај нас анонимно беше пријавено дека во Бапал не им е исплатен регресот за годишен одмор. Немаме информација за колку вработени станува збор, затоа што работниците се распределени по различни институции. Имаме поднесено барање за инспекциски надзор до Државниот инспекторат за труд, каде што, меѓу другото, прашавме и за колку работници станува збор“, велат за Локално од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Најголем дел од вработените се преземени од фирмата Секјуриком, која пак првите свои работници ги презеде од државната администрација во 2002 година, во договор со тогашната власт предводена од Љубчо Георгиевски. Тие и тогаш пријавуваа дека не добивале годишен регрес, за што фирмата имаше инспекциски надзори и казни.

Локално уште на 8. јануари испрати прашања до Бапал Благој зошто не исплатиле годишен регрес, како и до Стед Комерц, зошто исплатиле 500 денари на сметките на вработените, бидејќи не се нотирани како годишен регрес и дали воопшто исплатиле К-15 или пак тие пари се по друг основ дадени на вработените, но одговори не добивме од ниту една од фирмите.

Александар Тодески

Слични содржини