„Учениците имаат потреба од современи алатки. Дали ние треба да зборуваме за дигитализација кога целиот свет веќе ја користи неа“, вели министерката за образование, Мила Царовска, која присуствува на обука наменета за обучувачи на наставници за основните принципи на новата Концепција за основно образование и начинот на примена на новите наставни програми за прво и четврто одделение.
Според неа, дигитализацијата на учебниците не е тренд, тоа е потреба и се случува во целиот регион.
„Ако ги погледнете анкетите, ќе видите дека нашите деца и ученици не сакаат да одат на училиште и не им е интересно. Тие сакаат анимација, нешто што ќе ги возбуди, а тоа ќе го направиме со дигиталната форма. Ги повикувам родителите да бидат информирани, да не подлегнуваат на партиски ботови и да ги следат соопштенијата на МОН“, потенцира Царовска и додава дека секој ученик ќе добие хартиена форма, дигитална и брајово писмо, што ќе биде новитет.
„Не се укинати сите учебници. Се надевам дека дигиталната форма ќе даде резултати, а ако никој не е задоволен после 4-тото одделение, можеме да размислуваме да се вратиме на хартиената форма. Новата концепција предвидува учење на училиште, а домашната задача да биде само 20 минути пишување. Дигиталниот учебник е стимулација, не е само директно учење“, истакна министерката.