Поранешната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска ќе биде министерка за образование во новата влада, додека досегашниот советник на премиерот Зоран Заев и еден од неговите најблиски соработници, Бојан Маричиќ ќе биде Министер за правда,дознаваме од партиски извори.
Досегашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров го презема Секретаријатот за европски прашања од Бујар Османи, додека актуелниот градоначалник на Штип, Благој Бочварски ќе биде новиот министер за транспорт и врски.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски се враќа во „своето јато“ во МВР, додека позицијата ќе ја задржат Радмила Шеќеринска во Одбрана и Венко Филипче во здравство.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев и генералниот секретар Љупчо Николовски денска имаа средба со лидерите и претставниците на партиите од коалицијата „Можеме“.
Како што соопшти СДСМ, коалициските партнери му дале целосна поддршка на договорот за коалицирање со ДУИ, како и на вредностите и принципите кои произлегуваат од него во насока на брза трансформација на државата.
Пред присутните, Заев ги претстави главните приоритети на новата Влада за следниот четиригодишен мандат. Тој рече дека квалитетни, чесни, и одговорни кадри ќе бидат предложени од сите политички субјекти во коалицијата „Можеме“, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи на новата влада.