Царовска: Оваа Влада покажа дека децата се нашата иднина, дигиталните учебници ќе бидат воведени само во четврто одделение

од Nikola Popovski
288 прегледи

„Со зајакнати реформи на наставните програми, но и осовременување на условите за учење создаваме квалитетно образование за секое дете. Денес во ОУ “Исмаил Ќемали” присуствував на презентација на нови смарт табли набавени преку средства од Општина Чаир и донација на АД “МЕПСО”. Ги поттикнувам локалните самоуправи да го следат овој пример и да инвестираат во подобрување на условите за настава во училиштата“, изјави министерката за образование, Мила Царовска после посетата на основното училиште во општина Чаир.

Таа изјави дека ова е прва Влада која покажува дека интересот на ученикот е пред сечиј друг и дека децата се нашата иднина.

„Политичката партија која владееше 12 години  постојано наоѓаше изговори зошто да не се подобри, модернизира, осовремени образованието. Веројатно тоа на некого му одговарало. Затоа нашите деца денеска на меѓународните тестирања се најдолу на листите и тоа е поразително за нашата држава“, вели Царовска.

Во врска со забелешки за реформите на МОН, нагласи дека искажувањето  сопствени мислења е демократско право што таа го почитува и се бори за тоа и сега кога е министерка и дека се зема предвид секоја конструктивна забелешка, а законските решенија се отворени за коментари од јавноста. Според неа, образовните политики на МОН имаат голема поддршка.

„За да имаме квалитетно образование потребни се добри, квалитетни и современи наставни програми, обучен и квалитетен наставен кадар и инвестиција во инфраструктура и опрема во училиштата и на сето ова интензивно и посветено работиме. Може да се види дека најголем дел од општините интензивно инвестираат во нова дидактика, во нови материјали – табли, таблети, компјутери како и во нови наставни материјали коишто им се потребни за да имаме современо образование“, рече министерката, додавајќи дека нема силна држава без квалитетното образование.

Таа повтори дека дигитализираните учебници од наредната учебна година ќе бидат воведени само во четврто одделение, а сите останати продолжуваат да работат по сегашниот модел, притоа апелираше да не се  шират лажни вести  со кои во заблуда се ставаат родителите, учениците, наставниците.

Слични содржини