Над 120.000 граѓани ги чувствуваат придобивките од социјалната реформа, затоа што во семејните буџети имаат повеќе финансиски средства, вели интервју за „Гласот на Америка“ министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која престојува во работна посета на САД.
– Најголема реформа е што вложивме во децата, воведување на детски и образовен додаток, за да може идната генерација од најпогодените семејства да не биде повеќе во сиромаштија, туку, да може да излезе и да се бори на пазарот на труд, изјави Царовска.
Според неа, реформата во системот за социјална заштита има трансформативна улога на целото општество.
– По првпат оние што се најранливи, сиромашните, приматели на социјална парична помош државата не ги гледа како случаи коишто треба да останат на маргините, туку како потенцијал на општеството којшто треба да биде вклучен, во економскиот раст и развој на државата, вели министерката Мила Царовска.