Градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ги посетија новата детска градинка во Брајковци и реконструираната детска градинка, во Валандово.
„Денеска навистина сум среќна што Брајковци коешто е рурално место ја доби првата детска градинка. Овој објект во којшто инвестиравме 10,3 милиони денари ќе значи многу за раниот детски развој во овој регион. Министерството за труд и социјална политика заедно со локалните самоуправи изминатиот период забразано работеа на подобрување на условите кадешто престојуваат дечињата. Продолжуваме посветено да инвестираме во детската заштита, а со тоа како Влада да вложуваме во иднината на секое дете и на нашата држава. За идната година во Буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари во вкупно 43 градинки. Дополнително обезбедени се 15 милиони евра грант од Светска банка за изградба на детски градинки по најсовремени стандарди“, рече Царовска на отворањето на градинката во Брајковци.
Градинката во Брајковци беше изградена годинава и претставува комплетно нов и модерен објект, кој ги исполнува сите неопходни стандарди за квалитетен образовен процес и обезбедува современи услови за згрижување и престој на 40 деца од Бојмискиот реон. Средствата за изградба на оваа детска градинка се обезбедени од МТСП.
Во детската градинка “Калинка” во Валандово, се изврши целосна реконструкција на објектот во модерен и енергетско ефикасен објект, со очекувана заштеда на енергија од 70проценти. Објектот е современ и во него најмалите од нашата општина безбедно и софистицирано ќе можат да го следат воспитно образовниот процес. Реконструкцијата на оваа детска градинка е финансирана од ЕУ преку ИПА фондовите за прекугранична соработка, со Грција и националните фондови на земјите учеснички во проектот.