Вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска денеска ја посети Занаетчиската комора, лоцирана на влезот на Старата скопска чаршија, со чии претставници разговараше за поддршката на занаетчиите во услови на кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19 и за предизвиците со кои се соочуваат традиционалните и современите занаети за нивно опстанување на пазарот.
Вицепремиерката Царовска, како што соопштија од нејзиниот Кабинет, посочи дека Владата направи сериозни чекори за промоција на занаетите и стручното образование, како многу важен елемент за создавање на квалитетни и квалификувани кадри за економијата.
-Сметам дека ние како Влада навистина потикнуваме дуално образование, затоа што средното стручно образование е иднината и на занаетите, но и за развој на економијата во нашата држава, со цел опремување или стекнување со знаење и вештини на целиот кадар којшто понатаму ќе биде понуден на економијата. Дополнително на сите оние самостојни вршители на дејност во овој период на кризата предизвикана од Ковид 19 им понудивме поддршка и за 3 месеци тие добија поддршка од 14.500 денари месечно, или финансиска поддршка за исплата на минималната плата. Оваа мерка ја искористиле повеќе од 5200 компании или самостојни вршители на дејности коишто понатаму обезбедуваат работа за своите работници или за самите себе, за да може да се оддржат во дејноста којашто ја вршат, кажа вицепремиерката.
Царовска ја посети и работилницата за изработка на филигран што е во склоп на Домот на занаетчии, каде во пракса се гледа како се врши процесот на прекфалификација и докфаликација и како тие лица кои ја посетуваат оваа обука се стекнуваат со знаења што понатака може да ги воведат во нов бизнис, да го развиваат и со тоа да ја развиваат нашата економија.
– Сметам дека во наредниот период навистина цврсто треба да вложиме во дуалното образование, тоа е инвестиција во реалниот сектор, компаниите да учествуваат во креирање на потребниот кадар. Ако отвориме повеќе вакви работилници со тоа директно ќе влијаеме и на остручување на кадарот во нашата држава. Ние како Влада успеавме во 10 училишта во пет општини да воспоставиме систем на дуално образование и на тој начин ќе продолжиме и понатаму, затоа што ако училиштата се поврзат со компаниите и со занаетите тие заеднички ќе придонесат оној кадар што ќе излезе од средното образование директно да може да се пласира на пазарот на труд, а со тоа да имаме продуктивни работници, коишто ќе можат да обезбедат повисоки плати и за себе, но и за развојот на бизнисот во којшто работат, нагласи вицепремиерката Царовска.
Претседателот на Стопанската комората на занаетчии, Никола Петров, рече дека на средбата со вицепремиерката ги дискутирале проблемите и можните решенија за развој на занаетчиството на територија на град Скопје.
-Наидовме на разбирање кај Вицепремиерката Царовска и се надевам дека во иднина ќе имаме подобар развој на занаетчиството во градот и поголем број на лица ќе бидат опфатени во занаетчиството. Го истакнавме проблемот со средните стручни училишта, го истакнавме проблемот со недостаток на квалитетен занаетчиски кадар, така што не го жалиме времето што го потрошивме затоа што наидовме на разбирање кај вицепремиерката Царовска, којашто ни вети, ако биде во можност дека ќе ни помогне и понатака да го развиваме занаетчиството, рече претседателот на комората на занаетчии Петров.