Цементарница УСЈЕ: Ние сме транспарентна компанија и работиме согласно највисоките европски стандарди

од Ивана Рамаданова

Цементарницата УСЈЕ работи согласно највисоките европски стандарди, беше посочено на денешната отворена средба на која беа поканети членови од невладиниот сектор, медиумите и сите засегнати граѓани.

Од таму велат дека темата за употреба на алтернативните горива добиени од фракции од отпад и импликациите врз животната средина станува се поактуелна, но дека за жал, во јавноста има шпекулации и неточни информации во врска со оваа тема и компанијата.

„Цементарница УСЈЕ од 2011 година, поседува дозвола во согласност со домашното законодавство и стандардите на ЕУ во областа на животната средина. Покрај другите аспекти, А-интегрираната еколошка дозвола строго ја дефинира и употребата на енергенси што се користат во процесот, а истите се во целост усогласени со европските директиви, особено со ЕУ директивата за индустриски емисии. Тоа значи дека Цементарница УСЈЕ работи по исти стандарди, како и цементната индустрија во која било земја од ЕУ,“, велат од УСЈЕ.

Покрај тоа, од 2007 година во Цементарница УСЈЕ се врши континуиран мониторинг на сите емисии во воздухот, секој ден, преку цела година. Истите се во законски дозволените граници, што јасно укажува на строго контролиран процес.

Поради технолошки и деловни причини, печките на Цементарница УСЈЕ работат во текот на целото деноноќие. Технолошкиот процес на Цементарница УСЈЕ оневозможува работа на печките, без работа на филтрите. Производството автоматски запира доколку филтрите не работат.

Во однос на фотографиите кои беа изнесени преку социјаните мрежи, од цементарницата УСЈЕ велат дека тоа се фракции на остатоци од текстил кој е собран од еден од текстилните погони во земјава.

Неговото користење како енергенс во цементната индустрија е безопасно, поради спецификите на процесот на производство на цемент – комплетно затворен систем и согорување на температури помеѓу 1500 – 2000 степени Целзиусови. Инаку, овие остатоци од текстил во праксата редовно или се спалуваат на отворено или непрописно се депонираат, со што се деградира животната средина, конкретно воздухот и почвата, а понекогаш и водите.

Од компанијата уверуваат дека надлежните институции постојано го контролираат работењето и дека досега контролите потврдија дека се работи согласно законски пропишаните норми.

„Работата на УСЈЕ постојано покрај редовниот 24 часовен мониторинг е постојано контролиран од надлежните инстутиции. Сите контроли потврдуваат дека УСЈЕ работи во согласно со законски утврдените лимити. Последната контрола од Државниот инспекторат за животна средина беше направена на 12.12.2019 година“, велат од УСЈЕ.

ФОТО Борче Поповски

Слични содржини