Поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас во своето обраќање истакна дека Меѓународната награда за мир на Вестфалија што оваа година ја дели со премиерот Заев е награда за граѓаните на двете земји кои сега соработуваат и заеднички инвестираат во иднината на двете земји и во иднината на регионот.
Ципрас додаде дека Брисел има обврска и мора да го поддржи Договорот од Преспа целосно и да ги испорача ветувањата како што Северна Македонија ги испорача сите свои обврски поврзани со процесот за интеграцијата во ЕУ.
На свечената церемонија за врачување на Меѓународната награда за мир на Вестфалија во Мунстер, претседателот на Економското друштво на Вестфалија Липе д-р Рајнхард Цинкман, градоначалникот на Мунстер Маркус Леве и претседателот на Латвија Егилс Левиц во име на претходните добитници на наградата, земјите Латвија, Естонија и Литванија, истакнаа дека Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа нешто што никој претходно не успеа и со историскиот Договор од Преспа надминаа долгогодишна криза и поставија основи за долгорочни пријателски врски меѓу двете земји и сигурност во регионот.