За одлуката за почеток на пристапни преговори со ЕУ и членството во НАТО, му честитал лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, на претседателот на СДСМ Зоран Заев во телефонскиот разговор што го имале двајцата поранешни премиери, објави грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на извори на СИРИЗА, јави дописничката на МИА од Атина.
– Господинот Ципрас му честиташе на господинот Заев и според истите извори истакна дека никој немаше да им верува на нив, на Никос Коѕијас или на Никола Димитров, ако пред три години кажеа дека ќе се случи сето ова. „Дека во една ЕУ што се наоѓа во длабока криза, каде што преовладуваат национализмот и националната изолација пораката за стабилност, меѓусебно почитување и надеж, ќе дојдеше од Балканот, особено од прогресивните сили од двете земји“, објави грчката новинска агенција.
Според истите информации двајцата поранешни премиери истакнале дека овие работи во регионот се уште поважни, сега, кога најважното е сите да се мобилизираат во справувањето со пандемијата.
Поранешниот македонски премиер Зоран Заев, според АНА-МПА, ја потенцирал важноста на чекорите преземени од нашата земја за билатералните односи, за регионот и за Европа и додал дека прогресивните сили од двете земји дале пример за Европа, особено во тешките моменти.