Со потпишувањето на Договорот од Преспа пред три години многу работи се сменија кон подобро и можат уште повеќе да се сменат, вели лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во интервју за МИА.
–Во периодот 2014-2017 година ЕУ соопшти замрзнување на пристапниот процес, нејзиното влијание драстично се намалуваше во корист на други сили со свои планови, а Западен Балкан тонеше од една во друга криза. Со Договорот од Преспа ја принудивме ЕУ да го одмрзне процесот на проширување, да ја зајакне нејзината улога во регионот и да даде зелено светло, не само за Северна Македонија, туку и за Албанија, смета Ципрас.
Лидерот на СИРИЗА вели дека доколку не постоела оваа разврска негативно ќе се повлекол развојот на настаните и за други, како на пример во врска со разговорите Белград- Приштина.
-Пред сè, воспоставивме стратешки однос на соработка и пријателство. Однос што ѝ овозможува на Грција активно да го поддржува европскиот курс на Северна Македонија, драстично да се развива регионалната економска и енергетска соработка и да го надгледува воздушниот простор како земја сојузник.Докажавме дека Грција, навистина е столб на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот. Докажавме дека прогресивните сили, навистина можат да го сменат светот и дека е изводливо изнаоѓањето заемно прифатливи договори, доколку постои почитување. Меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право. Не беше лесно за мене и за Зоран, ниту за Никос Коѕијас и Никола Димитров, изјави Ципрас.
Тој напомена дека во процесот на преговорите имало и несогласувања и конфронтации.
-Но, меѓу нас постоеше почитување и политичка волја дека работите треба да се променат кон подобро, без разлика колку и да е тешко. Така се гради пријателство и во политиката и на човечко ниво.За жал, веќе подолго време гледаме тенденции за враќање во минатото со замрзнувањето на Меѓувладината конференција од страна на Бугарија. Го разбирам разочарувањето на народот од Северна Македонија. Единствено можам да кажам е дека колку и да е тешко, пријателот Бугарија, треба да најде, како што најдовме ние, политичка волја за заемни прифатливи решенија што нè водат напред, наместо да нè затвораат во минатото, кажа Лидерот на СИРИЗА.