Прилогот на Дамјан Темков за неодамнешните протести во општина Аеродром против изградбата на зграда кај зеленилото близу „Мајчин дом“ ја понесе првата награда што ја доделува невладината Цивил – центар за слобода во рамки на проектот за поттикнување граѓанско новинарство насловен „Цивил објектив“.

Според Џабир Дерала, сторијата на Темков е една од вкупно петте наградени избрани од стручна комисија од пристигнатите стории за изминатото двомесечје, која всушност била меѓу првите информации што ја алармирала јавноста за почетокот на градбата на објект на спорната локација за жителите на Аеродром. Останатите четири награди одат за фотографии главно на графити со политички пораки, односно кои содржат пораки против говор на омраза
– Цивил нема да престане со отвореноста, со поканувањето на сите граѓанки и граѓани да го употребат, својот мобилен телефон, своите мали камери и фотоапарати и да ги ловат сите моменти во своите заедници и да ги испраќаат на нашата отворена, слободна и независна медиумска платформа. Тоа што ние ќе го правиме понатаму е нашата екипа од активисти, новинари и истражувачи ќе ги продлабочува темите и ќе ги поставува вистинските прашања на вистинските места, рече Дерала посакувајќи во иднина од граѓанските новинари повече видео прилози.
Во однос на наградениот прилог насловен „Залижани градоначалници и залажани граѓани“, Темков вели дека за сторијата бил поттикнат од ветувањата од страна на актуелниот градоначалник дадени на последните избори дека нема да се гради на таа локација, за што, вели и ја добил довербата од жителите.
Во рамки на овој проект Цивил досега има организирано обука на приближно илјада лица од целата земја кои покажале интерес за граѓанско новинарство, спроведени од врвни професионалци. Проектoт е влезен во четврата година од спроведувањето и треба да бидат доделени вкупно 110 нагрдаи кои се во форма на ваучери. Сите прилози може да се видат на медиумската платформа на Цивил clp.mk .