ЦИВИЛ: Отворени сме за пријави за изборни нерегуларности

од Vladimir Zorba
221 прегледи

Денеска се одржуваат локални избори во три општини во нашата земја и тоа, за градоначалник на Маврово и Ростуше и Центар Жупа, а во Тетово за Совет на Општина. ЦИВИЛ не акредитира свои набљудувачи на овие избори, но ќе спроведе мониторинг на спроведувањето преку пријави од граѓанките и граѓаните, како и со следење на ситуацијата на теренот, надвор од избирачките места.

ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да пријавуваат изборни нерегуларности на [email protected], телефонскиот број 070 699 580 или на Фејсбук. ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, во својот мониторинг се потпира и на пријави од граѓанките и граѓаните. Секоја информација во изборните процеси е важна. Затоа, независно во кој формат ќе пристигнат (фотографија, видео, постови на социјални мрежи и друг вид комуникации), сите информации се прибираат и се анализираат.

„Каде да се пријават изборните нерегуларности, ако не во ЦИВИЛ? Нашата организација ужива огромна доверба граѓанките и граѓаните, независно од нивната политичка афилијација, припадност или потекло” – велат од ЦИВИЛ.

Воедно, во духот на демократијата и неприкосновеното право на глас, ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да го остварат своето право и со тоа да учествуваат во процесите на донесување одлуки во нивните општини. Правото на глас е неприкосновени и секој гласач има право да го оствари тоа право без страв од притисоци и да гласа според сопствените убедувања.

Во тој контекст, од ЦИВИЛ потсетуваат дека изборниот молк мора да се почитува за да им се овозможи на гласачите да донесат информиран избор за тоа што тие самите мислат дека е најдобро за нивната општина.

„Им посакуваме мирен, демократски и успешен изборен ден на сите граѓанки и граѓани на општините во кои денеска се гласа. Отворени сме за пријави за изборни нерегуларности” – порачуваат од ЦИВИЛ.

Слични содржини