ЦСКА ја тужи Евролигата

од Vladimir Zorba
220 прегледи

Бидејќи е еден од косопствениците на Евролигата, заедно со уште десет клубови, ЦСКА Москва реши да ја тужи споменатата организација за исклучување од натпреварувањето во сезоната 2022/23.

Московјаните поднесоа тужба до судот во Луксембург и очекуваат пресуда за неколку дена. Потегот на раководните луѓе е донекаде изненадувачки, со оглед на тоа што како косопственици учествуваа на сите досегашни состаноци во Евролигата, подеднакво одлучувајќи дали ќе усвојат корекција и воведување нови правила, како и на кои клубови да им биде дадено право на учество во следната натпреварувачка година.

Андреј Ватутин како прв човек на клубот неодамна, по последниот состанок на кој беше одлучено Партизан и Валенсија да ги пополнат испразнетите позиции по исфрлањето на ЦСКА и Зенит поради војната во Украина, се појави смирен кога и се обрати на јавноста. помирен со фактот што Московјаните нема да бидат дел од најелитното натпреварување во следната натпреварувачка година. Впрочем, и за тоа гласаа клубовите косопственици на Евролигата.

Правно и формално ЦСКА има доволно аргументи да ја тужи Евролигата на суд, со оглед на тоа дека е еден од косопствениците со загарантиран договор за учество во секоја натпреварувачка година. Правната форма на „вонредна ситуација“ може да се толкува на различни начини и сигурно адвокатскиот тим што ги застапува интересите на клубот добро ја проучувал работата пред да им даде сигнал на претставниците на ЦСКА дека можат да започнат судски спор со Евролигата.

Во јуни, по одлуката да ја исфрли ЦСКА од Евролигата за натпреварувачката сезона 2022/23, Ватутин делуваше разумно, велејќи дека „армејците“ ќе ја искористат новосоздадената ситуација, меѓу другото, да ги афирмираат младите руски играчи.

Но, тој во еден дел од своето обраќање до јавноста во текот на месец март истакна и дека ќе ги слуша советите на адвокатите кои ги застапуваат интересите на клубот.

ЦСКА беше европски шампион во осум наврати, последен пат во 2019 година.

Слични содржини