Приемот на Бугарија и Романија во Шенген зоната повеќе не зависи од некакви критериуми или експертизи, туку тоа сега е чисто политичка одлука, изјави претстедателот на Комисијата за внатрешни работи во бугарскиот Парламент, Цветан Цветанов.

Според него, Бугарија и Романија ги исполниле сите критериуми и барања што им беа поставени како услов за членство во Шенген зоната, но и покрај тие се уште не се примени во заедничкиот европски простор.
– Тоа докажува дека одлуката за прием повеќе не зависи од експертизи, туку од политиката, изјави Цветанов, кој е потпретседател на владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на бугарскиот премиер Бојко Борисов. Цветанов во обраќање на конференција посветена на бегалската криза и миграциските процеси, оцени дека според препораките на експертите, Бугарија е целосно подготвена да се приклучи кон Шенген зоната.
– Бугарија и Романија имаат дури и подобри резултати од некои земји-членки на Шенген групата, изјави Цветанов, додавајќи дека одлуката на Брисел се уште да не дозволи членство на двете земји во Шенген зоната е неправедна. Според него, Бугарија ќе продолжи да ги исполнува своите обврски и ќе соработува со европските партнери затоа што ја сфаќа својата одговорност во заштита на надворешните граници на ЕУ. Цветанов посочи дека и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер нагласил дека Бугарија и Романија треба што поскоро да бидат примени во Шенген зоната, нагласувајќи дека е уверен оти за време на бугарското претседавање со ЕУ во првата половина од 2018 година двете земји „ќе добијат реална перспектива за членство“.
Еврпскиот Парламент уште во јуни 2011 усвои Резолуција со која се повикува на прием на Бугарија и Романија во Шенген зоната. По ова, Советот на ЕУ констатира дека двете земји ги исполниле сите услови за членство во Шенген зоната, но не донесе политичка одлука за нивен прием, бидејќи за тоа е потребна едногласна поддршка од сите земји-членки на Унијата./МИА