Судијата од Основниот суд Скопје 1 Владимир Туфегџиќ, кој ја водеше истрагата за петкратното убиство кај Смилковското езеро, за САКАМДАКАЖАМ.МК открива дека нему предметот му бил даден дури по 20 дена откако се случил крвавиот настан на 12 април 2012 година.

Откако обвинителката Љиљана Спасовска вчера од Врховниот суд изненадувачки побара да ги укине пресудите за случајот „Монструм“ и предметот да се врати на почетна фаза во Основниот суд Скопје 1, сега и Туфегџиќ се сомнева каков предмет и какви докази, всушност, му биле донесени 20 дена по настанот и што се случувало во меѓувреме.
На денот на настанот увид на местото не извршил тој, туку дежурниот истражен судија во Основниот суд Скопје 1, кој не бил од одделот за организиран криминал, и обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје. Истрагата тогаш беше по стариот Закон за кривична постапка и барањето докази беше под водство на полицијата, а не под палката на обвинителот, како што е сега.
Што се случувало во тој период, како крим-техника од МВР ги собирала доказите и кому ги давала во Основното обвинителство, пред да се оформи предмет во Обвинителството за организиран криминал, кои докази биле најдени на местото, како биле најдени и дали се веродостојни, никој не знае. Никој од Основниот суд Скопје 1 не може да знае што се случувало со доказите за монструозниот случај во периодот од тие 20 дена. Во судот дошле готови, стокмени од МВР.
„Наводите кои ги истакна сега Републичкиот Јавен обвинител Љиљана Спасовска се толку многу сериозни што сами по себе отвораат многу прашања, особено поради фактот што со ваквите наводи директно се задира во правната сила и во валидноста на дел од изведените докази, како и во нивната подобност и релевантност. Особена тежина на сето ова дава фактот што ваквите наводи се истакнати токму од Јавниот обвинител, кој според законот е единствено овластен за гонење на сторители на кривични дела“, вели Туфегџиќ.