Тупанчески за акцијата во Идризово: Ова е шанса да се отпочне со подобрување на состојбите во затворите

од Vladimir Zorba

Министерот за правда Никола Тупанчески на денешната прес конференција информираше за координираната акција во текот на вчерашниот ден која беше спроведена во КПУ Идризово, а во која при претересот во затворските простории беа пронајдени мобилни телефони, ладно оружје, психотропни супстанции и недозволени материи. По комплетирање на документите доколку се утврди одговорност ќе се бараат оставки на сите чинители.

„Никој нема да биде поштеден од одговорност. Би требало да има градација на одговорност затоа што тука не се работи за дисциплинска одговорност. Постапката за именување и разрешување на директор на КПУ е утврдена со закон. Таму е јасно наведено дека доколку некој не ги исполнува условите тогаш не може да зборуваме за професионализација на затворскиот менаџмент“, рече Тупанчески.

Тупанчески информираше и за неодамнешната посета на Комитетот за борба против тортура и нечовечко понижување и постапување во затворите во чии извештаи имаше сериозни забелешки за дел од затворскиот менаџмент кој според нив не ги исполнуваат условите за извршување на функцијата.Пораката беше пренесена и до Министерството за правда, заедно со другите институции да се отпочне со отстранување на недостатоците.

„Ова е почеток на она што може да претставува афирмација и соодветна реакција за девијантните појави. Ова е шанса да се отпочне со подобрување на состојбите во затворите“, порача Тупанчески.

Министерот информираше дека претресот во КПУ Идризово не бил селективен.

„Координирани акции во казнено поправните установи ќе има и во наредниот период а секое именувано лице ќе сноси одговорност доколку стори кривично дело за злоупотреба на службената положба“, истакна тој.

Слични содржини