Турција и Грција договорија активирање на повеќе канали за комуникација

од Vladimir Zorba
511 прегледи

Турција и Грција се договорија во средата да активираат повеќе канали за комуникација, објави турската Дирекција за комуникации.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се сретнаа на маргините на самитот на НАТО во Вилнус, Литванија.

„Средбата помина во добра атмосфера“, се вели во соопштението на турската Дирекција за комуникации на Твитер.

Ердоган и Мицотакис се согласија дека во корист на двете земји е позитивната клима што е создадена во билатералните односи во последните месеци да има континуитет и конзистентност, јавува Анадолија.

Се додава дека двете страни постигнале договор за надградба на овој позитивен моментум во наредниот период и отпочнување на канали за комуникација меѓу двете земји.

Ердоган и Мицотакис се договорија да одржат состанок на Советот за соработка меѓу Турција и Грција оваа есен во Солун, Грција.

„Покрај тоа, тие ги задолжија двајцата министри за надворешни работи да го водат процесот и да известуваат за напредокот“, се додава во соопштението.

Беше најавено и дека лидерите изразиле желба за почеста комуникација на сите нивоа, со цел градење клима на доверба и создавање на неопходните околности за подобрување на односите меѓу Турција и Грција.

Слични содржини