Дел од турските војници кои беа распоредени во кампот Башика крај Мосул биле префрлени во региони под контрола на курдската регионална влада, пренесоа Hürriyet Daily News, повикувајќи се на свои воени извори.
Војниците го напуштиле кампот на 14 декември, но нема да се вратат во Турција во моментов.
Одлуката дојде откако меѓународната заедница укажа притисок врз Анкара по реакцијата на Багдад за распоредување на турски војници во кампот.
Ирак го повика Советот за безбедност на Обединетите нации на 11 декември да побара итно и безусловно повлекување на сите турски војници од северен Ирак, а го нарече нивното присуство “грубо прекршување” на меѓународното право.
“Ги повикуваме Советот за безбедност да побара Турција да ги повлече своите сили веднаш … и да не го нарушува ирачкиот суверенитет повторно”, изјави ирачкиот амбасадор Мохамед Али Алхаким во писмо до американскиот амбасадор во ОН Саманта Пауер, која е претседател на советот.
Руски воени инспектори ќе извршуваат набљудувачки летови над Турција
Неодамна турската армија испрати дополнителен контингент од околу 600 турски војници во базата под изговор дека ќе ги обучуваат северноирачките единици за борба против “Исламска држава”.
Барањето на Ирак беше поддржано од Русија, која е постојана членка на Советот за безбедност, а во моментов е исто така во затегнати односи со Турција поради соборениот руски борбен авион Су-24.
Во петокот Турција објави дека ќе го промени составот на војниците во Ирак, но не даде подетални информации.
