За првпат во 29-годишното работење на нашата компанија се среќаваме со ваква криза од глобални размери. Да бидеме искрени, немавме некоја стратегија за извлекување од истата од причина што буквално целиот свет застана, а за жал туризмот (скоро) секогаш е прв на удар, оттаму последиците по нашиот бизнис се навистина катастрофални, изјавија од Туристичката агенција „Игуана Травел“ во разговор со „Локално“.
Од „Савана“ со сличен став. Оттаму велат дека се свесни дека туристичка индустрија спаѓа во еден од најзагрозените сектори поради пандемијата „КОВИД-19“, на глобално ниво и никој во моментов нема да може да одговори како би се справил со последиците од истата кога веќе трет месец се затворени границите и е запрен протокот на патници и движење.
И со отварање на истите, кризата во оваа индустрија како и во авиопревозот и останатиот копнен и воден превоз ќе се провлекува и тешко ќе се опоравува како до крајот на оваа 2020 година, така и последиците ќе се пренесат во 2021, а може и во 2022 година, според прогнозите на глобално ниво, посочуваат од агенцијата.
„Никој во моментов нема да може да ви одговори како ќе се извлече од глобалната криза, а плановите за справувања со истата се намалување на трошоци и надеж за отварање на пазарот и враќање во функција на истиот, како и користење на средства кои би требало да влезат како помош за оваа индустрија“, наведуваат од „Савана“.
Во текот на јуни се очекува да започнат со работа сместувачките капацитети
Според некои неофицијални анализи, најголем број Македонци патуваат во Грција, Хрватска и Турција, но пред сѐ во Грција. По неколкунеделниот карантин кај нашите соседи и тие се враќаат на своите работни обврски. Со нив сме во константна комуникација, пред сѐ пријателска, но секако и професионална. Најавите се дека кон средината на јуни очекуваат да започнат со работа сите сместувачки капацитети, хотели, апартмани и сл.
„Сепак кога ќе се отворат двете земји не би можеле да знаеме“, објаснуваат од „Игуана Травел“.
Од „Савана“ појаснија дека во моментов сите информации што пристигнуваат не се официјални, и не би можеле да калкулираат како точно ќе функционира патувањето во регионот и пошироко сѐ додека не се објават конечните уредби, кои се очекува да бидат соопштени во средината на мај.
„Најавите се дека од јуни полека ќе се отвараат границите и протокот на сообраќај и патници, но под кои услови сѐ уште не е официјално соопштено. Според информациите се бара заеднички став на државите од Западен Балкан за функционирање на проток на патници и воведување на мерки на претпазливост. Многу е веројатно дека некои дестинации може да се отворат и подоцна. Хрватска планира уште во мај да ги отвори границите, Грција од јуни, а Турција може уште покасно, но сепак треба да се почекаат официјалните информации“, велат оттаму.
„За подолг период, мерките на владата не се доволни за да опстане индустријата“
Владата на некој начин помогна за справување со кризата во секторот на туризмот со тоа што донесе Уредба за издавање на вредносни ваучери за користење на аранжмани до 31 декември 2021 година за оние клиенти кои веќе имаат извршено резервации и уплати и со тоа, како што велат од „Игуана“, се спречило целосен колапс и банкрот на компаниите.
„До овој момент за секторот на туризам може да се користат кредити од Развојната Банка на Северна Македонија Covid1 и Covid2, кои ќе се враќаат до крајот на 2021 година. Ние како правно лице користиме кредит од програмата Covid1 и моментално аплициравме преку Управата за јавни приходи за користење на мерката за помош на плата од 14.500 МКД по вработен и 50% од придонесите. Овие две мерки заедно, нам ќе ни помогнат во период од најмногу 3 месеци да се задржи бројот на вработени со намалени плати во нашата индустрија, но за подолг период овие мерки не се доволни за да опстане индустријата“, наведоа пак, од туристичката агенција „Савана“.
Во Западните држави агенциите добиваат поголема финансиска помош која е неповратна
Западните држави се справуваат со кризата со мерки донесени од нивните влади за помош во индустријата и добиваат поголема финансиска помош која е неповратна, како би ги одржале живи фирмите во оваа индустрија за подолг временски период.
– Добиваат помош преку коморите, солидарните фондови, но секако и тие се соочуваат со кратења на платите и намалување на број на вработени и повторно не се знае дали ќе успеат да преживеат поголем дел од фирмите, бидејки оваа индустрија има нула приходи од март и не е предвидливо кога ќе почне движењето во истата, објаснија од „Савана“.
Граѓаните најзаинтересирани за Грција
Понудата на „Игуана“ е исклучиво за Грција, а она што е интересно и им влева надеж и позитивни вибрации е фактот дека мал број, но сепак дел од луѓето „срамежливо“ веќе се интересираат за Халкидики.
Со оглед на тоа што дел од секторот сѐ уште не работи, а дел започна со работа од 4 мај, од Савана велат дека најголем дел од клиентите ги менуваат своите резервации за подоцни термини за патување, или подигаат вредносни ваучери за идни патувања кои може да ги искористат најдоцна до 31 декември 2021 година и стрпливо ги очекуваат информациите за можност на отворање на границите и патување.
„Во моментот сѐ уште бројот на резервации за идни патувања е незначително мал, бидејќи не се знаат точните информации од кога ќе биде тоа реално можно. Моментално најголем интерес има за нашиот јужен сосед Грција“, изјавија од „Савана“.
Нема рефундирање на уплатените финансиски средства, се доделуваат вредносни ваучери
Во врска со рефундирање на веќе уплатените финансиски средства, од „Игуана“ издаваат вредносни ваучери бидејќи средствата од уплатените аранжмани едноставно не се во можност да ги рефундираат од едноставна причина што истите, и во многу поголем процент од она што зеле како уплати, се префрелени на сметка на хотелиерите и апартманските комплекси во соседна Грција, Турција, Албанија итн.
Од „Савана“, пак, согласно со уредбите на владата како и на останатите влади во државите во светот, велат дека средствата не се рефундираат туку истите странките ќе може да ги искористат за следни патувања најдоцна до 31 декември идната година за што добиваат вредносни ваучери.
„Средствата од уплатените услуги се наоѓаат кај конечните даватели на услуги кои исто така затекнати од кризата со Ковид 19, не се во можност да ги вратат поради застој во функционирање на економијата. Затоа, сите држави ја применуваат истата одлука во оваа индустрија, за користење на средствата за следни патувања“, објаснија од агенцијата.
Понудите од програмата „Лето 2020 година“ се откажани и не важат под исти услови
Понудите кои се веќе пласирани на пазарот за програмата „Лето 2020 година“, во текот на вонредната состојба се откажани и не важат под истите услови под кои се објавени, велат од „Савана“.
„Новите услови за користење на програмите за патување ќе можат да се објават од моментот на објавување на условите под кои ќе биде овозможено патувањето од/до нашата земја и останатите земји- дестинации за патување во програмата и согласно датумот за отварање на границите и нормално патување во туристичките региони. Се надеваме дека тоа ќе се случи во втората половина на мај“, додаваат оттаму.
С.К.