Синовите на екс директорот на УБК Сашо Мијалков и поранешниот прв човек на полицијата Митко Чавков, како сопственици на компании во бизнис релации со други фирми, се појавуваат како доверители во кавадаречки Фени.
Телевизија 24 со пристап до документи за сопствеништво, но и според информации од прелиминарната листа на доверители, открива дека компаниите на фамилиите Чавкови и Мијалкови директно или индиректно давале услуги на Фени и сега се појавуваат како доверители. Според наши извори, не е исклучена можноста дека заклучно со крајот на септември, некои од нив да успеал да ги наплати побарувањата.
Фирмата Ролис, која го снабдувала Фени со руда, е најголем доверител со побарувања од четири милиони евра. Таа е во сопственост на извесен Горан Митев од Кавадарци. Митев поседува уште неколку фирми. Една од нив е Селекта гм. Токму таа фирма е еден од сопствениците на фирмата Алмиан, која пак е основач на фирмата Портланд опс од Струмица. Газда на оваа фирма е Иван Чавков, син на поранешниот министер за полиција. Во сите овие фирми се вртеле милионски суми.
Еден од поголемите доверители е и фирмата Нова Логистик, која побарува два милиони евра. Во 2015 година имала приходи од близу 26 милиони евра. Но, и покрај тоа, фирмата има долгови од околу пет милиони евра кон триесетина фирми. Еден од најголемите доверители на Нова Логистик е фирмата Бест Веј инвестмент на Јордан Мијалков, син на екс директорот на УБК Сашо Мијалков. Меѓу помалите доверители на Фени е и фирмата Ом петрол на семејството Мијалкови. Сепак наши извори тврдат дека оваа компанија успеала да ги наплати парите пред стечајот.
Вкупо пет компании со побарувања поголеми од еден милион евра се најголемите доверители на Фени. Ролис, која го снабдувала комбинатот со руда има побарување од четири милиони евра. Нафтената компанија Пуцко Петрол од Пласница околу три ипол милиони, колку што побарува и компанијата на вицепремиерот Кочо Анѓушев едс за снабдувањето на Фени со струја. Компанијата Нова Логистик, основана од луѓе од менаџментот на Фени побарува околу два милиони евра. Последен на оваа листа е бугарски Енекод, кој извесен период го снабдуваше Фени со струја. Нивните побарувања се околу еден милион евра.
Колкава ќе биде листата на доверители и кој се ќе пријави побарувања, ќе се знае за две недели, кога истекува рокот за пријавување. Во меѓувреме, работниците на Фени веќе два месеци се без плата.