Твитер ги забрани лажните тврдења за вакцинацијата против Ковид-19

од Nikola Popovski

Социјалната мрежа Твитер во средата објави дека корисниците ќе мора да отстранат новите твитови кои пренесуваат штетни, лажни или погрешни тврдења за вакцинацијата против Ковид-19, проширувајќи ги своите правила за дезинформации за коронавирусот. „Фејсбук“ и „Гугл“ најавија и забрани за лажни тврдења за вакцини кои се косат со информациите на експертите за јавно здравје во последните неколку недели.

Како што наведоа, од корисниците би можело да се побара да ги отстранат твитовите со лажни тврдења што сугерираат дека вакцините „се користат за намерно оштетување или контрола на населението, вклучително и изјави за вакцини кои повикуваат на намерен заговор“.

Политиката, објавена истата недела кога првите Американци ја примаат вакцината, ќе важи и за лажните тврдења дека пандемијата не е вистинска или сериозна и дека вакцинацијата е непотребна.

Твитер исто така соопшти дека од почетокот на следната година тие можат да започнат со обележување или предупредување на твитови кои промовираат „неосновани гласини, спорни тврдења, како и нецелосни или вонтекстуални информации“ за вакцините.

Портпаролот на Твитер објави дека компанијата, заедно со партнерите од јавното здравство, ќе утврдат кои дезинформации за вакцините се доволно штетни за да се оправда отстранувањето.

Слични содржини