Четириесет и две годишна жена е уапсена во Јужна Кореја за наводно убиство на две деца, чии тела беа откриени во куфери купени на аукција во Нов Зеланд.
Жената е уапсена по налог на јужнокорејските власти.
Посмртните останки на двете деца, на возраст од околу пет и десет години, биле криени во куфери неколку години пред едно семејство од Окленд да ги купи на онлајн аукција од магацин.
Куферите ги однеле дома, а потоа ги откриле телата на децата, по што на 11 август повикале полиција.
Полицијата на Нов Зеланд побарала налог за апсење на жената според договорот за екстрадиција на земјата со Јужна Кореја и побарала жената да биде екстрадирана во Нов Зеланд за да се соочи со обвиненијата.
Јужнокорејската полиција соопшти дека жената била уапсена во 1 часот по полноќ во нејзиниот стан во градот Улсан.
Жената, чиј идентитет не е соопштен, го криела лицето со капуљачата на палтото додека полицајците ја придружувале пред полициската станица во Улсан до автомобил кој се упатил кон главниот град Сеул, пишува „Гардијан“.
„Таа ќе биде подложена на сослушување во Вишиот суд во Сеул за да се утврди дали треба да биде екстрадирана“, рече Парк Сеунг-Хун, службеник во Националната полициска агенција. Парк рече дека датумот сè уште не е одреден, но дека сослушувањето мора да се изврши во рок од два месеца.
Идентитетот на децата не смее да се открива во согласност со наредбата на Судот.
На крајот на август полицијата соопшти дека идентификувала жена за која верувале дека е член на семејството на двете деца.
Жената, Новозеланѓанка родена во Кореја, дошла во Јужна Кореја во 2018 година и оттогаш нема записи за нејзино заминување, изјавил полицаец за „Ројтерс“.
Инспекторката Тофилау Фамунија Ваелуа во четвртокот рече дека апсењето на жената е резултат на меѓународна соработка.
„За некој да биде во притвор во странство за толку краток временски период, се сведуваше на помошта на корејските власти и координацијата на нашиот персонал на полицијата на Нов Зеланд во Интерпол“, рече Ваелуа.
Властите на Нов Зеланд побараа жената да остане во притвор во Јужна Кореја до завршување на процесот на екстрадиција.