Уапсени вработени во МВР: Над 200 криминалци добиле македонски пасоши

од Берта Китинска
708 прегледи

Во вчерашната акција беа приведени деветмина вработени во МВР, додека по еден се трага.

-Преку регионалната соработка од САД беше обезбеден вистинскиот идентитет на лицата. Се работи за лица кои учествувале во нелегална трговија со дрога и други криминални дејствија. Тоа се лица со профил на висок ризик, кои се бараат со меѓународните потерници. Кривични пријави се поднесени за 10 лица, од кои 9 се приведени, а по еден се трага. Од нив 9 се вработени во МВР, а еден бил посредник . Уапсените се овластени службени лица и контролори, односно лица кои биле задолжени за издавање и одобрување на патните исправи. соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Министерот соопшти дека вкупно 215 лица добиле македонски патна исправа со туѓ идентитет, 214 биле странски државјани, а само еден бил наш.Тој вели дека оние што добиле пасоши во еден дел се членови на меѓународни криминални групи и на нарко-картели.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека власта им издавала македонски пасоши и документи на балкански наркобосови со лажен идентитет. Тој рече дека сите докази кои ги имаат ќе им бидат дадени на обвинителство  за т.н. афера „Мафија“.

– Таков пасош издаден од МВР има и лицето Јован Вукотиќ, кој медиумите го преставуваат како водач на Шкаљарски клан, а пасошот бил на име Андонов Георги. Вукотиќ во белградскиот Суд признава дека добил македонски пасош, на туѓ идентитет. Уапсен во Анталија и испратен во Србија. Во неговиот исказ кој го води заменик јавниот обвинител јасно стои, дека тој дошол во Македонија, дал отпечаток, на патната исправа е неговата слика, и со таа патна исправа патувал Украина, Шпанија, Турција итн.Вториот Седат Бекер, кој има барање за лична карта Џаидин Амедовски, фигурира и во избирачки список, има право на глас и во Општина Чаир. Овие докумети ќе ги предадеме и на обвинителството за брза акција, изјави Мицкоски.

Министерот Спасовски го повика Основното Јавно обвинителството да постапи и да ја реши, како што кажа, „саботажата на акцијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски“.

Споделувањето на информации во јавноста според министерот, кое опозициската партија го направи, можело да ја загрози акцијата и сѐ што било сработено во период од две години.

Слични содржини