Убавици со лузни во Африка, со криви заби во Јапонија, дебели во Мавританија

од Vladimir Zorba
196 прегледи

Критериумите за  убавина се разликуваат во земјите ширум светот. Тоа што некаде се смета за физички недостаток, на друго место може да се гледа како привлечна физичка карактеристика. Сепак, вистинската убавина лежи во окото на личноста што ја носи. Погледнете ги овие 10 необични физички карактеристики што се сметаат за секси во различни земји низ светот…

  1. Криви заби – Јапонија

 

Во западните земји, правата линија од рамни заби претставува дефиниција за совршена насмевка и ретко кој мисли поинаку. Но, во Јапонија работите се малку поинакви. Врвот на привлечноста се кривите заби или на јапонски „yaeba“. Луѓето кои ја имаат оваа физичка особина се сметаат за послатки.

  1. Лузни – Западна Африка, Нова Гвинеја

 

Жителите на Нова Гвинеја и уште неколку други земји во Африка сѐ уште ги украсуваат телата со шари и разни уметнички лузни. Лузните обично им се нанесуваат на мажите за време на церемониите, додека, пак, овие „тетоважи“ кај жените се сметаат за знак на голема убавина. Секако, во развиениот свет многу малку луѓе би помислиле дека оваа навика е привлечна, напротив се смета за физички недостаток.

  1. Лице со срцевидна форма – Јужна Кореја

 

Во Јужна Кореја, пластичната хирургија не само што редовно се практикува, туку и се смета за сосема нормална. Во големите градови можат да се видат реклами кои ги повикуваат луѓето да легнат „под нож“ за да си го подобрат изгледот. Во оваа земја, доколку имате срцевидно лице, луѓето ќе ве сметаат за убави. Многу Корејци се подготвени да подлегнат на комплицирани операции за да ја добијат оваа физичка карактеристика. Операцијата подразбира кршење коски во вилицата на три дела, отстранување на централниот дел и спојување на другите два за да се направи поистакната брада. Потоа, аглите на новата брада се заоблуваат. Луѓето не можат да јадат тврда храна долго време по ваквата операција.

  1. Прекумерна тежина – Мавританија

 

Жените од Мавританија нема шанси да привлечат машки погледи ако немаат масни наслаги на стомакот. За да бидат сигурни дека девојчињата ќе ги добијат посакуваните димензии, родителите ги испраќаат на специјални „фарми“ каде што можат да јадат до 16.000 калории дневно (препорачливо е да се јадат 1.500 калории). За жал, многу девојчиња страдаат од стомачни заболувања поради оваа традиција.

  1. Хируршки фластер на лицето – Иран

 

Иран е главното седиште на ринопластиката. И покрај високите цени на процедурата, мажите и жените се подготвени да ја платат секоја сума во име на правиот нос, што се смета не само за симбол на убавина туку и на одреден статус во општеството. Но, ова не е најчудното нешто што можете да го видите во Иран. Дури и да немале операција на нос, некои луѓе шетаат во јавност со хируршки фластер на лицето за останатите да помислат дека се оперирале.

 

  1. Блед тен – Кина, Тајланд

Во многу делови од Азија, бледата кожа претставува највисокиот стандард за убавина. Ако отидете во продавница за да купите крема за лице, мали се шансите дека ќе најдете производ што не содржи состојки за избелување. Ова важи и за препаратите што ги користат мажите по бричење. Многу Кинези не одат на плажа без маска, бидејќи сакаат да ја заштитат кожата од сончевите зраци. Освен тоа, жените од Кина и Тајланд мислат дека луѓето од западните земји се луди поради тоа што одат во солариум.

  1. Високо чело – Племето Фула во Африка

Според племето Фула од Африка, најважниот атрибут што жените треба да го поседуваат е високото чело. Поради оваа причина, некои жени отстрануваат делови од косата за да создадат илузија дека навистина имаат високо чело. Сличен обичај бил забележан во средновековна Европа кога жените отстранувале половина од косата на врвот од главата.

  1. Долг врат – Бурма

Еден од пределите во источна Бурма се нарекува „земјата на жените жирафи“. Името се однесува на жените од племето Кајан кои живеат таму и носат прстени од месинг околу нивните вратови. Се верува дека колку подолг врат има некоја личност, толку поубаво изгледа. Според легендите, овие прстени ги заштитуваат жените од тигри иако во реалноста на овој начин тие го зачувувале идентитетот на нивното племе.

 

  1. Истегнати усни – Племето Мурси

 

Во племето Мурси во Етиопија, девојчињата учат како да ја истегнуваат кожата на нивните долни усни со помош на посебни плочи. Колку што е поголема плочата толку е повисок социјалниот статус на девојчето и толку поголем мираз треба да се плати пред бракот. Постојат две теории околу причината за оваа необична традиција. Луѓето од племето Мурси мислат дека злите духови влегуваат во луѓето преку нивната уста и плочите служат за да ги спречат. Според другата теорија, племето почнало да го прави ова за да не им ги земат жените како робинки.

  1. Споени веѓи – Таџикистан

Во некои предели од Таџикистан, споените веѓи се сметаат за знак на женската убавина. Ако природата не ја надарила девојката со оваа привлечна особина, таа може да си нанесе црна шминка меѓу веѓите за да ги спои. Луѓето таму веруваат дека споените веѓи се показател на тоа дека личноста ќе има среќен живот.

Овие стандарди за убавина според некои се интересни, а според други делуваат примитивно. Но, помислете на нашите современи стандарди за убавина! Правиме дупки во ушите и ставаме обетки, одиме во неудобни чевли на високи потпетици за да си ги издолжиме нозете… Можеби и овие навики се чудни за луѓето од различни земји ширум светот! /кафепауза