Доналд Трамп убедливо ќе победи во трката за републиканска номинација за претседателските избори во 2024 година, доколку одлучи да се кандидира, изјави републиканскиот сенатор Мит Ромни.
Ромни важи за еден од најголемите противници на Трамп во рамките на Републиканската партија, а тој неодамна гласаше и за негово отповикување во Сенатот, под обвинение дека поттикнал бунт за време на немирите во Вашингтон на 6 јануари.
„Трамп има најсилен глас и големо влијание во мојата партија. Не знам дали планира да се кандидира во 2024 година, но доколку има намера да го стори тоа, сигурен сум дека ќе ја освои претседателската номинација“, рече Ромни.
Сенаторот од Јута додаде дека „сè може да се случи до 2024 година“, но дека смета дека Доналд Трамп „убедливо ќе победи меѓу републиканците“, пренесува „Њујорк пост“.
Тој ги цитираше и анкетите кои покажуваат дека 53 отсто од републиканците би гласале Трамп да биде претседателски кандидат. На второ место е Мајк Пенс, поранешниот потпретседател на САД со 12 проценти, додека сите други имаат едноцифрена поддршка.
Ромни објасни дека нема да ја поддржи номинацијата на Трамп.
„Веројатно би поддржал некој што мислам дека подобро би ја претставувал малата фракција на Републиканската партија на која ѝ припаѓам“, рече Ромни.