Летувањето во јуни е значително поевтино отколку во сезоната, а во Грција може да се најде пакет аранжман во последен момент за 29 евра по лице – 7 ноќевања, Пефкохори, сопствен превоз.
Секако, се зависи од агенцијата, како и од избраниот аранжман, но некои места традиционално се издвојуваат како поповолни од другите. Паралија, Олимпик Бич, но и Парга, Лефкада, Евија – ова се некои од популарните летни дестинации за кои сè уште можете да најдете аранжмани за помалку од 100 евра за апартманско сместување, пренесе „Нова.рс“.
Каде е најевтиното сместување?
„Најевтините грчки одморалишта припаѓаат на местата во олимпискиот регион, кои се долгогодишни фаворити на нашите туристи и се вклопуваат во сечиј буџет“, вели Теодора од „Грција инфо“.
За тоа сведочи и многу познатата листа на одморалишта во олимпискиот регион – Паралија, Лептокарија, Олимпик Бич, Неи Пори… Местата во Солунскиот регион, како Аспровалта, Врасна и Ставрос, исто така имаат добра репутација кога станува збор за цените за сместување, додека на Халкидики, наводно, во последните неколку години цените се во благ пораст, што повторно не значи дека не може да наидете на крајно поволни понуди.
„Факт е дека во секоја од дестинациите може да се најде сместување по многу ниски цени за целото семејство, но најчесто таквите капацитети се доста далеку од морето или не нудат многу содржини како некое луксузно сместување. Значителна разлика во цените можете да забележите и кога станува збор за места кои имаат добра репутација во споредба со оние кои се помалку познати и со помал туристички развој, но тоа не мора секогаш да биде така. Огромен број фактори играат улога во формирањето на цените, затоа на една дестинација може да се забележи широк асортиман и варијација на цените“, објаснува Теодора, а нејзината колешка Весна се осврна на некои други поволни дестинации.
„Ние нудиме објект на Тасос кој е поевтин од олимпискиот регион, но генералниот пресек покажува дека најниските цени за сместување се на Евија, Атос, во околината на Солун, потоа Ставрос и сите места во олимпискиот регион“, вели Весна.
Што се однесува до островите, Евија, Лефкада и Тасос се најповолни и се речиси неспоредливи со Миконос или Санторини, кои важат за најскапи дестинации за одмор во Грција.
Цени на храна, лежалки и чадори
Бидејќи буџетот за одмор не го формирате само за сместување и патни трошоци, ќе ви значи и тоа што на споменатите дестинации можете релативно евтино да поминете со храна, особено ако не јадете во ресторани, туку купувате намирници на пазар или во маркет.
Според минатогодишните искуства, во регионот на Солун, како и во Олимпија, има вообичаени кафулиња во кои се добива чадор за плажа и лежалка со нарачаниот пијалок, додека на повеќето други места лежалките се плаќаат одделно по 10-15 евра сет. Исто така, цените во кафулињата се пониски од просечните.