Вооружениот маж со психички проблеми кој во понеделникот уби четиримина луѓе во деловна зграда во Менхетен, а потоа изврши самоубиство, се обидувал да го нападне седиштето на Националната фудбалска лига (НФЛ), но се качил во погрешен лифт, соопштија њујоршките власти.
Истражителите веруваат дека Шејн Тамура, 27-годишен вработен во казино во Лас Вегас, се обидувал да стигне до канцелариите на НФЛ во зградата на Парк Авенија број 345. Тој застрелал фатално три лица во фоајето, по што се качил со лифтот на 33-от кат, таму убил уште еден човек и ставил крај на сопствениот живот откако видел дека е на погрешно место.
Проштално писмо на 3 страници
Во задниот џеб на убиецот е пронајдено проштално писмо на три страници, во кое има жалби против НФЛ, со тврдење дека страда од хронична трауматска енцефалопатија (ХТЕ). Дегенеративната болест на мозокот е поврзана со потрес на мозокот и други повторливи повреди на главата вообичаени во контактните спортови, каков што е американскиот фудбал, но може да се дијагностицира само по нечија смрт.
Shane Tamura’s suicide note.
“Study my brain for CTE. The league (NFL) knowingly concealed the dangers to our brains to maximize profits. They failed us.”
He deliberately shot himself in the chest rather than the head. pic.twitter.com/kaG2xJO6wk
— Spencer Hakimian (@SpencerHakimian) July 30, 2025
Самиот Тамура играл фудбал на ниво на колеџ во својата гимназија во Калифорнија пред околу една деценија, но никогаш не бил дел од НФЛ. Тој имал историја на психички болести, соопшти полицијата.
Во својата белешка напишана пред да тргне на убиствениот поход, Шејн Тамура повеќепати изразил жалење и побарал неговиот мозок да биде испитан за ХТЕ.
Според полицијата, во белешката се споменува и поранешниот играч на НФЛ, Тери Лонг, кому му била дијагностицирана ХТЕ, и начинот на кој Лонг се самоубил во 2005 година. Исто така, во писмото се обвинува НФЛ за прикривање на опасностите за мозокот на играчите, со профитерски мотиви.
Убиецот споменува документарец и книга
Весникот „Њујорк Пост“ објави дека во прошталното писмо исто така се споменува и „Лигата на негирањето“ – документарен филм на телевизиската мрежа ПБС за потреси на мозокот во НФЛ, како и „Браќата Феинару“, очигледна референца за новинарите на ЕСПН Марк Феинару-Вада и Стив Феинару, кои се автори на книгата објавена заедно со документарецот. Исто така, во писмото се споменуваат и неколку истакнати лекари кои го проучувале потресот на мозокот.
Today’s cover: NYC mass shooter Shane Tamura found with note blaming NFL for giving him CTE — even though he never played pro football https://t.co/uyVqPq6Hzr pic.twitter.com/UyYbuMgHIL
— New York Post (@nypost) July 30, 2025
НФЛ долго време ја негираше врската помеѓу фудбалот и хроничната трауматска енцефалопатија, но на крајот ја призна врската во своето сведочење пред Конгресот во 2016 година. Оттогаш, лигата исплатила повеќе од 1,4 милијарди долари на пензионирани играчи за да се уредат побарувањата поврзани со потрес на мозокот.
Една година порано, во 2015 година, се случи премиерата на холивудскиот филм „Шампионот“ (оригинален наслов Concussion – буквално „потрес на мозокот”) со Вил Смит, Алек Болдвин и Дејвид Морс во главните улоги.
Биографската спортска драма ја раскажува приказната за др. Бенет Омалу, американски лекар со нигериско потекло, кој ги открил и објавил своите наоди за ХТЕ вршејќи обдукции на играчи на американски фудбал додека работел во Окружната мртовечница во Питсбург.
На прашањето дали телото на Шејн Тамура ќе биде испитувано за хронична трауматска енцефалопатија, градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, изјави за Си-Ен-ЕнН дека таа одлука ќе ја донесе медицинскиот експерт на градот.
Во одговор до ЕСПН, од канцеларијата на судскиот вештак одговараат: „Судскиот вештак истражува и ќе ги сподели причината и начинот на смртта секогаш кога е можно. Прегледот на мозокот (невропатологија) е дел од целосниот процес на обдукција“.
Реакцијата на НФЛ
Комесарот на НФЛ, Роџер Гудел, го нарече пукањето „неопислив чин на насилство во нашата зграда“, велејќи дека е длабоко благодарен на полициските службеници кои реагирале, како и на полицаецот во цивил кој загинал заштитувајќи ги другите. Гудел рече и дека вработен во лигата е тешко повреден во нападот и хоспитализиран во стабилна состојба.
Комесарот нагласи дека ќе има „засилено присуство на обезбедувањето“ во канцелариите на лигата „во наредните денови и седмици“. Тој подоцна објави дека вработените од Њујорк треба да работат од дома до најмалку 8 август, а „канцеларијата ќе остане затворена во тоа време“ додека „не потврдиме дека [зградата] е подготвена за нашето враќање“.
„Секој еден од вас е ценет член на семејството НФЛ“, напиша Гудел. „Ќе се справиме со ова заедно“.