Удвоен бројот мигранти на Балканската рута

од Vladimir Zorba
136 прегледи

Бројот на илегални мигранти на Балканската рута е двојно зголемен во 2019 година во однос на година порано, а азил во ЕУ најмногу барале граѓани на Сирија, Авганистан и Венецуела.

Европската агенција за заштита на границите „Фронтекс“ наведува дека минатата година биле регистрирани 15.150 мигранти на трасата на Западен Балкан, наспроти 5.900 во 2018 година.

Европската канцеларија за поддршка на азил (ЕАСО) објави дека бројот на барања за азил во ЕУ се зголемил за прв пат од 2015 година и дека овој тренд се очекува да продолжи и покрај пандемијата на коронавирус.

Земјите членки на ЕУ објавија 11% зголемување на побарувањата за азил минатата година.

Според ЕАСО, зголемувањето на бројот на барања е последица на зголемувањето на бројот на баратели на азил од Венецуела за 103 проценти и Колумбија за 214 проценти во текот на 2018 година.

Во соопштението од Канцеларијата се посочува дека некои земји, како Кипар, Франција, Грција, Малта и Шпанија, минатата година добиле повеќе барања отколку за време на т.н. мигрантска криза во 2015 и 2016 година.

Најголем број баратели на азил во текот на 2019 година биле државјани на Сирија, Авганистан и Венецуела.

Во извештајот на ЕАСО се вели дека во првите два месеци од оваа година, бројот на баратели на азил се зголемил за 16 проценти, но пандемијата довела до драстичен пад на бројот на барања за 87 проценти, објави „Еуроњуз“.

Сепак, Канцеларијата предупредува дека по ублажувањето на вонредните мерки и забраната за патување, може да има зголемување на бројот на барања за азил, дури и до нивоа пред Ковид-19.