УЕФА го казни Даку за навредите кон Македонците, санкции и за Албанскиот фудбалски сојуз

од Nikola Popovski
449 прегледи

Етичко-дисциплинската комисија на УЕФА донесе одлука во врска со инцидентот кој се случи по завршувањето на натпреварот на ЕУРО 2024, Албанија-Хрватска, каде беше вмешан напаѓачот на албанската репрезентација, Мирлинд Даку.

Комисијата на УЕФА одлучи да го суспендира албанскиот фудбалер на два натпревари, со што тој нема да може да настапи на следниот натпревар против Шпанија, кој е закажан во понеделник на 24 јуни во Дизелдорф, но и во осминафиналето ако оваа репрезентацијата се пласира во нокаут фазата.

Напаѓачот на Рубин Казан ги навреди Македонците по завршувањето на последниот натпревар на неговата репрезентација. Се очекува казна и од неговиот клуб во Русија.

Покрај Даку, казнет е и Албанскиот фудбалски сојуз.

Етичко-дисциплинската комисија на УЕФА одлучи повторно да ги казни со сума од 47.500 евра поради инцидентите што се случија на натпреварот од второто коло на Европското првенство против Хрватска, одигран во Хамбург. Како што информираат од ФС Албанија, казната ја предизвикале некои албански навивачи, кои палеле факели за време на натпреварот, скандирале недолични слогани, како и поради прекин на натпреварот.

УЕФА донесе одлука ФС на Албанија да го казни со 2.500 евра за палење факели, со 20.000 евра за влегување на терен и со 25.000 евра за недолични пораки на спортски настан.

-Фудбалскиот сојуз уште еднаш апелираше до сите албански навивачи да бидат поодговорни и да избегнуваат создавање инциденти и немири кои можат да донесат финансиски казни и да го нарушат имиџот на Албанија и албанскиот фудбал.

Исто така, Сојузот информира дека пораките од неспортски карактер не се дозволени за време на натпреварите.

Фудбалскиот сојиз на Албанија ги повикува навивачите и љубителите на фудбалот до крај да ја бодрат албанската репрезентација на овој магичен и историски пат до ЕУРО 2024, покажувајќи одговорност преку коректно однесување и почитување на правилата и противниците, стои во официјалното соопштение на ФС на Албанија.

Слични содржини