Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на осомничениот Асмир Јахоски откако првично пред две недели, Кривичниот совет при Oсновниот кривичниот суд – Скопје го одби како неосновано барањето мерката притвор да се замени со кауција. Се наведува дека Апелација, решението на Основниот кривичен суд Скопје, го преиначи на начин што ја укина мерката притвор определена спрема осомничениот со прифаќање гаранција во износ од 986.540,00 евра, во денарска противвредност од 60.672.235,00 денари, со ставање хипотека на недвижен имот во корист на државата и износ од 72.000.000,00 денари готови пари, исто така во корист на Македонија.
Истовремено спрема Јахоски се определени мерки на претпазливост – обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје и привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа.
„При одлучувањето Судот го имаше предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.
Делот од гаранцијата понуден и прифатен во готови пари од 72.000.000,00 денари претставува паричен износ еднаков на претпоставената штета за која осомничениот се сомничи дека ја сторил во конкретниот кривично правен настан“, стои во објавата на Апелација.
Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, за кои веќе беше одредена мерка притвор. Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува сите осомничени, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет штетни за животната средина.
Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра. Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.
Асмир е син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски.