Трајкоски: Поради ризикот многу западни лидери веројатно ќе ја избегнат парадата на 9 мај, а присуството би било ограничено на челници од земји кои имаат поблиски односи со Москва

80-годишнината од победата над фашизмот во сенка на војната: „Ниту Русија ниту Украина не веруваат дека другата страна искрено ќе го почитува прекинот на огнот“

од Nikola Popovski
301 прегледи

Тридневниот прекин на огнот во Украина предложен од рускиот претседател Путин е сериозно достигнување, вели американскиот претседател. Шефот на Кремљ го понуди примирјето во пресрет на парадата на 9 Мај во Москва. „Претседателот Путин објави тридневен прекин на огнот, што не звучи многу, но многу е ако знаете од каде почнавме, бидејќи ние имавме претседател кој три години не зборуваше со Путин. И сето тоа не требаше да се случи. Ова е војна што никогаш не требаше да се случи“, изјави Доналд Трамп.

Во меѓувреме, Русите стравуваат од можни напади на денот на парадата. Не требаше долго да се открие зошто Путин, чија армија постојано го кршеше 30-часовното велигденско примирје, кое требаше да трае од 19 до 21 април, одлучи да прогласи примирје од 8 до 10 мај, а особено зошто ја повика Украина да престане со борбите и во тој период. Русија ја одбележува 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници над нацистичка Германија во Втората светска војна, па затоа не би изгледало добро ако таа прослава биде расипана од украински дрон што би прелетал над Москва или доколку експлодира во воен магацин. За дел од познавачите на состојбите, ситуацијата околу 9 мај оваа година е значително понапната од вообичаено со оглед на тековната војна меѓу Русија и Украина и симболичното значење што оваа дата го носи за Русија. Според Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи, московската парада традиционално е еден од најголемите државни настани, со силна безбедносна покриеност и политичка тежина.

Пецо Трајкоски

Оценува дека изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за можно одбивање на предлогот за прекин на огнот и навестување на потенцијален напад врз Москва токму на 9 мај може да биде дел од политичка и психолошка стратегија, но сепак сериозно се сфаќа од страна на руските власти.

-Во минатото, дури и без директна закана, руските безбедносни сили спроведувале масовни мерки за заштита за време на вакви настани – со ограничување на движење, контроли, воздушна одбрана и слично. Во поглед на безбедноста на странските лидери, доколку тие навистина одлучат да присуствуваат, сигурно ќе бидат преземени екстремни мерки на безбедност, како од руската страна така и од безбедносните служби на нивните земји, посочува Трајкоски.

Сепак, како што објаснува, поради ризикот, многу западни лидери веројатно ќе го избегнат овој настан, а присуството би било ограничено на лидери од земји кои имаат поблиски односи со Москва.

-Ниту Русија ниту Украина не веруваат дека другата страна искрено ќе го почитува прекинот. За Москва, прекините често служат за оперативно прегрупирање. За Киев, секое примирје без гаранции од трета страна се смета за потенцијална замка. Без минимум доверба и веродостојност на намерите, ниту едно примирје не може да опстои, потенцира соговорникот.

Од почетокот на конфликтот, беа објавени повеќе од дваесет прекини на огнот – за празници, евакуација на цивили или „хуманитарни цели“. Но ниту еден не успеа да се реализира во целост, а некои беа прекршени за неколку минути.

-Без силен меѓународен механизам што ќе го гарантира примирјето, секој договор останува декларативен. Русија и натаму ќе го користи секој прозорец за прераспоредување, измама или нанесување удар кога противникот ќе ја спушти гардата, анализира Трајкоски.

Прекин на огнот со Русија може да се воспостави во секој момент, но Москва игра двојни игри, обвинува Зеленски. Ги повтори повиците за 30-дневно примирје по предлогот на САД и зголемен притисок врз Русија. „Русија бара молк за 9 мај, но ја напаѓа Украина секој ден. Путин е многу желен да ги покаже своите тенкови на парадата, но наместо да размислува за тоа, треба да размислува за вистинскиот крај на својата војна“, изјави украинскиот претседател.

Во пресрет на петок, Украина лансираше повеќе од сто дронови на руска територија, насочени кон Москва и нарушувајќи го работењето на неколку аеродроми. „Силите за воздушна одбрана соборија најмалку 18 дронови на пат кон Москва од различни насоки“, објави градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин на „Телеграм“. Остатоци од еден од дроновите паднале на автопат, но досега нема извештаи за сериозни штети или повредени. Властите објавија дека украински беспилотни летала биле пресретнати над регионите Воронеж и Пенза. Засега нема извештаи за штети или повредени во тие делови. Воздушниот сообраќај на четири московски аеродроми, Шереметјево, Домодедово, Внуково и Жуковски, е привремено прекинат од безбедносни причини, соопшти руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на руската агенција за цивилно воздухопловство Росавијација. Покрај тоа, воздушниот сообраќај беше привремено запрен на аеродромите во Калуга, околу 200 километри југозападно од Москва, Саратов, околу 850 километри југоисточно од главниот град, и Волгоград, околу 1.000 километри југоисточно од Москва.

На фронтот битките продолжуваат. Украинските воздухопловни сили наведуваат дека погодиле контролна точка во областа Курск. Жителите на регионот Суми, во неколку населени места на границата со Русија, се повикани на итна евакуација.

Н.П.

Слични содржини