Висок крвен притисок или „корпа“ од Трамп: Што се случи со Вучиќ во САД?

Матиќ за "Локално": Заминување на Вучиќ за Москва ќе претставува негово дефинитивно повлекување од членството на Србија во ЕУ

од Nikola Popovski
877 прегледи

Заминувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ во Москва на 9 мај за прославата Денот на победата над фашизмот зависи исклучиво од неговата здравствена состојба. Како што велат српските здравствени власти, бидејќи ова беше главен критериум за завршување на неговата посета на Соединетите Американски Држави и враќањето во Србија, неговото здравје ќе биде клучно и за одењето во Русија. Дел од тамошната јавност и корисинците на социјалните мрежи тврдеа дека Вучиќ „се разболел“ за да го избегне патувањето во Москва и дека одеднаш му се слошило во петокот оти како што велат, „добил корпа“ од американскиот претседател Доналд Трамп за средба со него.

Дел од српските аналитичари сметаат дека недостатокот на официјални информации и бројните нелогичности во нив оставија многу простор за бројни шпекулации и сомнежи. На пример, според познавачот на српските состојби, Марко Матиќ, самата информација дека средбата со Трамп е откажана поради висок крвен притисок – здравствен симптом кој релативно лесно може да се држи под контрола не изгледа многу убедливо и остава простор за сомнеж дека се случило нешто друго.

Марко Матиќ

-Властите, исто така, ѝ должат на јавноста многу повеќе детали за природата, планот и организацијата на самата посета со цел да се реши овој политички инцидент, оценува аналитичарот во разговор за „Локално“.

Иако сè уште е неизвесно дали Вучиќ ќе оди во Москва, Mатиќ тврди дека засега е поверојатно дека српскиот претседател сепак ќе биде присутен на настанот на Владимир Путин, на кој нема да присуствува лично самиот, туку ќе се обрати преку видео врска.

-Иако не очекувам конкретни казнени мерки од Брисел поради заминувањето на Вучиќ во Москва, неговото заминување таму ќе претставува негово дефинитивно повлекување од членството на Србија во ЕУ. Српските власти долго време зборуваат само за европскиот пат, но не и за членство, па затоа овој потег целосно би го разоткрил нивниот антиевропски политички курс, тврди соговорникот.

Запрашан дали САД и Трамп го менуваат општиот став и однос кон српските власти, Матиќ посочува дека и покрај високите и нереални очекувања на српските власти од победата на Трамп, се покажа дека таа не донесе никакви политички предности за Белград. На прво место, ова се должи на фактот што Трамп не е премногу заинтересиран за овој регион, но и на погрешните потези на српските власти.

-Во наивното верување дека стратешката политика и политиката заснована на вредности можат да се заменат со лобирање преку добро платени поединци и групи, српските власти играа на картата на Ричард Гренел, Џаред Кушнер и Руди Џулијани, инвестираа огромни ресурси во нив и ниту еден од нив не стана дел од администрацијата на Трамп. Сега се обидува да го исправи тоа преку синот на Трамп, што очигледно повторно не дава резултати. Ориентацијата на Србија во надворешната политика првенствено треба да биде насочена кон ЕУ, а не кон неевропските актери, заклучува аналитичарот Матиќ.

Во меѓувреме, Вучиќ ќе се врати на работа од 7 мај, објавија српските медиуми. За среда наутро се закажани средби со рускиот и британскиот амбасадор, а првото обраќање на претседателот ќе биде во среда навечер.

По враќањето во Белград, по прегледот на Военомедицинската академија во Белград, неговиот лекар Драган Динчиќ изјавил дека здравствената состојба на претседателот е стабилна и задоволителна и дека имал проблеми со крвниот притисок. Докторот додал дека во последните 10 години колку што го лекува Вучиќ, во три наврати имал проблеми поради висок крвен притисок, но никогаш не биле како сега. Вчера, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, потврди дека Вучиќ сега е добро, кој разговарал со шефот на српската држава по телефон.

Во врска со најавата на Вучиќ дека на 9 мај ќе биде во Москва, портпаролот на ЕК Маркус Ламерт вели дека ЕУ сака да смета на Србија и дека земјата треба да ја потврди својата стратешка насока кон ЕУ. -ЕУ е јасна кон сите, вклучително и на Србија, дека односите со Русија не можат да бидат нормални додека трае војната, рече Ламерт. Тој додаде дека не сака да шпекулира за можните последици.

Претседателите на Кина, Си Џинпинг, на Белорусија, Александар Лукашенко, на Венецуела, Николас Мадуро и на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, го потврдија своето присуство на Денот на победата над фашизмот, кој ќе се прослави во Москва во петок. На парадата ќе присуствуваат и лидерите на Буркина Фасо, Виетнам, Куба, Абхазија, Азербејџан, Палестина, Таџикистан, Туркменистан, Казахстан, Киргистан, Узбекистан и Ерменија. Како што потврдија и Пекинг и Москва, кинескиот претседател Си ќе престојува во официјална посета на Русија од 7 до 10 мај, на покана на Путин.

Н.П.

Слични содржини