Украина ги предупреди министрите за надворешни работи на Г7 дека мора да ја променат својата стратегија доколку сакаат Киев да издржи се поразорни руски воздушни напади.
Министрите на Г7 на италијанскиот остров Капри признаа дека мора да и дозволат на Украина да го зајакне својот систем за воздушна одбрана и му аплаудираа на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба кога им се придружи на вториот ден од нивниот тридневен состанок.
Кулеба: Ни недостига клучна одбрана
Г7, во која се претставниците на Италија, Канада, Франција, Германија, Јапонија, Велика Британија, САД и ЕУ, остро ја критикуваа руската инвазија на Украина, која трае веќе две години. Сепак, воената помош за Киев е забавена во последните месеци, додека на европските партнери очигледно им снемува муниција, а клучните американски средства се блокирани од републиканците во Конгресот.
Зборувајќи со новинарите по пристигнувањето во Капри, Кулеба жали поради фактот што неговата земја нема клучна одбрана, додека американските, британските и француските сили интервенираа во саботата за да спречат ирански ракетен истрел врз Израел.
„Се чини дека стратегијата на нашите партнери во Израел е да се спречи штетата и смртта… Во последниве месеци, стратегијата на нашите партнери во Украина се чини дека е да ни помогнат да се опоравиме од штетата што е направена“, рече тој. „Значи, нашата задача денес е да најдеме начин нашите партнери да смислат механизам, начин кој ќе ни овозможи да избегнеме смрт и уништување во Украина“, додаде Кулеба.
Шефот на НАТО: Работиме на можноста да испратиме „патриот“ во Украина
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така присуствуваше на состанокот на Г7 во четвртокот, кој им рече на новинарите пред состаноците дека воената алијанса активно се стреми да испрати што е можно повеќе системи за противвоздушна одбрана што е можно поскоро.
„Работиме на можноста да го испратиме системот „Патриот“ во Украина. Водиме дијалог со неколку земји“, рече тој.
Во Вашингтон, украинскиот премиер Денис Шмихал изјави за новинарите дека Украина побарала дополнителна опрема за воздушна одбрана, додавајќи дека Киев бара минимум седум системи „Патриот“. Шмихал одби да каже колку системи „Патриот“ има Украина во моментов, велејќи дека тоа се доверливи информации.
Тој рече дека САД и Белата куќа и потврдиле на украинската делегација дека оружјето ќе биде испорачано во рок од неколку недели, откако Конгресот го одобри пакетот помош од 60,8 милијарди долари за Украина. „Се надеваме дека ќе трае неколку дена, а не недели“, додаде тој.
Некои министри од Г7 го повикаа Израел да не ја влошува ситуацијата
Кулеба рече дека се надева дека ќе добие ветување оваа недела за испраќање повеќе системи „Патриот“ и SAMP/T и дека Западот ќе воведе нови санкции врз Иран за производство на вооружени дронови што се извезуваат во Русија.
Неколку часа подоцна, САД и Велика Британија најавија воведување нови санкции за Иран насочени кон неговата програма за производство на беспилотни летала, како одговор на нападот врз Израел на 13 април.
Сепак, некои министри од Г7 го повикаа Израел да не ја влошува и онака напнатата ситуација.
„Секогаш повикуваме на претпазливост и деескалација“, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.
„Се надеваме дека израелскиот одговор, кој најверојатно ќе дојде, ќе биде фокусиран и нема да ескалира“, додаде тој.