Украина беше главна тема на самитот во Копенхаген, каде земјите-членки се согласија на зајакнување на одбраната против дронови и на источните граници поради руските закани. „Сите гледаме дека Русија ги засилува своите деструктивни акции, а она што сега е најважно за безбедноста на Европа е политичката волја. Тие се јасно решени да одговорат на растечката закана од дронови. Сите овие инциденти ја покажуваат потребата од заедничко дејствување“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Европските сојузници сложни во ставот дека поддршката за Украина е клучна за безбедноста на Европа. „Европската Унија цврсто стои покрај Украина и е ангажирана на сите фронтови за постигнување праведен и траен мир. Нов пакет санкции е на маса, насочен кон приходите од нафта, банките, криптовалутите и ’флотата во сенка‘“, нагласи Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет. Лидерите во Копенхаген дадоа широка поддршка за приоритетни одбранбени проекти, меѓу кои и изградба на „европски ѕид против дронови“ и зајакнување на источните граници поради руската закана.
Во меѓувреме, Украина добива поддршка од САД за ракетни напади длабоко во Русија. Се поизвесно е дека американскиот претседател Доналд Трамп целосно ја „сменил плочата“. Дали и како оваа одлука ќе влијае врз текот на војната…
Според воено-безбедносниот аналитичар и новинар, Александар Србиновски, одлуката на Вашингтон да ѝ дозволи на Украина да ги користи западните оружја за удари на руска територија е фундаментална промена во стратегијата на конфликтот. Таа им овозможува на Украинците да таргетираат клучни воени аеродроми, складишта за муниција и командни центри длабоко во Русија, со што се прави војната логистички неодржлива за Кремљ. Србиновски смета дека целта не е освојување територија, туку зголемување на цената на агресијата до точка кога Москва ќе мора да преиспита дали може да ја продолжи.
-Во контекст на Трамп, ова се вклопува во неговата позната тактика на „максимален притисок “: создавање криза за да наметне преговори под сопствени услови. Краткорочно, ризикот од ескалација е голем. Но, за Русија ова е потврда дека конфликтот веќе не е само „локален“ – дека Западот е подготвен директно да го поддржи нападот врз нејзина територија. Таквиот чекор може да ја зацврсти перцепцијата во Кремљ дека ова е егзистенцијална борба со НАТО, што може да ја зголеми поддршката за војната внатре во Русија и да предизвика поостри одмазднички удари. Со други зборови, оваа одлука има двоен ефект: може да ја ослаби руската воена машинерија, но истовремено ризикува да ја зацементира решеноста на Москва и да ја прошири војната, вели Србиновски во разговор за „Локално“.
Соговорникот оценува дека санкциите без сомнение ја ослабуваат руската економија, ограничен е пристапот до западни технологии, намалени се инвестициите и Москва плаќа висока цена во финансискиот сектор. Но, додава, суштината е дека тие не нанесуваат доволно брз и одлучувачки удар.
-Најдобар показател е фактот дека Русија, и покрај санкциите, денес има посилна воена индустрија отколку во 2022 година и успева да ја снабдува својата армија со огромни количини оружје и муниција. На бојното поле тоа се гледа јасно, oдносно, Русија сè уште ја држи иницијативата на повеќе фронтови и постепено ја шири контролата врз украинска територија. Со други зборови, санкциите ја забавуваат Москва, но не ја сопираат.
Воените удари, од овој профил, пак пак, хипотетички би можеле да имаат поинаков ефект: тие или ќе создаваат директна и непосредна штета на командни центри, складишта и инфраструктура на Русија или дополнително ќе ја разгорат војната. Геополитички тоа е притисок што Кремљ не може лесно да го игнорира. Затоа, само санкции не се доволни, ако САД сакаат да ја „притиснат“ Русија, најверојатно вистински резултат би можел да се најде ако се користи успешна формула од комбинација на економски и воен притисок, но да повторам ако не се применува мудро секогаш постои ризик дека Москва ќе одговори со уште поостра ескалација на војната која би можела да ги надмине и границите на Украина, дециден е аналитичарот.

Фото: Александар Србиновски
Унгарскиот став е дека е подобро да се прифати територијален компромис отколку бескрајна војна. На прашањето дали тоа е реална опција, Србиновски истакнува дека се работи за најчувствителниот дел од конфликтот. Објаснува како Унгарија повикува на т.н. прагматизам, тврдејќи дека подобро е да се прифати ограничена загуба отколку бескрајна војна.
-Овој став има одреден одѕив во Европа која е уморна од конфликтот и која во суштина истовремено како Русија ги губи и троши своите ресурси и тоа не може да продолжи во недоглед. Но, реалноста е ова тврдење на Унгарија не е искажано без факти во политиката. Доказ за ова е дека во денешницата со користење на сила границите веќе и онака се менуваат во Европа и светот. Со користење на воени средства и борбена моќ во 90 тите се создадоа услови Косово да се одвои од Србија, натаму делови од Грузија формално се отцепени од земјата и се под контрола на Русија, овој процес на Блискиот Исток го гледаме секојдневно, во повеќе земји, каде силата наместо политиката го диктира прекројувањето на границите. Тоа нам ни покажува дека денеска живееме во екстремно небезбеден свет, во кој Обединетите нации ама практично немаат никаква моќ да спречат конфликти ниту пак да ги заштитат условно кажано малите држави од агресори. За Украина, откажувањето од територија би значело признавање на овој опасен тренд дека со воена сила се легитимираат нови реалности, потенцира аналитичарот.
Трамп тврди дека цела територија, вклучително и Крим, може да се врати и ги нарекува Русите „хартиен тигар“. Околу тоа дали ваквата реторика може да предизвика Трета светска војна, Србиновски вели дека ваквите зборови имаат двојна цел: поставување на максималистички барања за Украина и психолошко притискање на Москва. Нарекувањето на Русија „хартиен тигар“, според него, е дел од стратегија за поткопување на самодовербата на Кремљ.
-Но, Крим е специфична „црвена линија“ за Русија, и реален напад врз него, особено со западна поддршка, е сценарио што најмногу го зголемува ризикот од нуклеарна ескалација. За Москва, загубата на Крим би била не само воен, туку и политички удар кој може да се доживее како егзистенцијална закана. Иако Трета светска војна не е најверојатно сценарио, сепак самата непредвидливост на Трамп и решеноста на Кремљ го зголемуваат ризикот од несакана ескалација. Тоа дополнително ни истакнува колку е навистина тенка линијата по која се движи светот и колку таа лесно може да се дестабилизира во нова светска војна, заклучува Србиновски.

Самит на европски лидери во Копехаген/Фото: Принтскрин/Јутјуб
Лидерите разгледуваат како да ги искористат и замрзнатите руски средства за обнова на Киев и да го одржат Европското единство во долгата војна. Во однос на руската нафта, поддршката од Унгарија изоставена.
„Можам да ја сменам политиката, но не и географијата. Унгарија е земја без излез на море, па затоа имаме само цевководи, и затоа мора да купуваме од Русите“, истакна унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Земјите-членки согласни дека ЕУ мора да има штит од дронови, но и да се зајакнат источните граници.
„Заштитата на источниот дел од упадите на беспилотни летала е приоритет, но мора да се има поширока перспектива. Системот против беспилотни летала е дизајниран како штит за целиот континент. Ова би го вклучувало, на пример, јужниот дел и би бил дизајниран да се справи со широк спектар на закани“, изјави Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Додека европските лидери во Копенхаген работат на заедничка одбранбена стратегија, Русија продолжува со удари. Киев ја обвини Москва за создавање ризик од нуклеарни инциденти по прекинот на струја во Чернобил и повика на посилен одговор и стопирање на увозот на руска нафта.
Додека западот ја засилува безбедносната стратегија против руската агресија, рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Европа дека ја продолжува војната во Украина и го блокира мировниот процес. Тврди дека „киевскиот режим“ ќе мора да седне на преговарачка маса поради недостаток на луѓе, а испораката на ракети „Томахавк“ нема да ја смени ситуацијата, но ќе ги влоши односите Русија – САД.
„Сите земји на НАТО се во војна против нас. Одговорноста за неуспехот да се запрат борбите не лежи кај мнозинството, туку кај малцинството, првенствено кај Европа, која постојано бара конфликт. Во Европа е основан посебен центар кој поддржува сè што прават украинските вооружени сили“, изјави Путин.
Н.П.