Украина го преработува советскиот С-200 за напади врз Русија, имаат добра причина за тоа (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
359 прегледи

Украина го користи стариот советски противвоздушен ракетен систем С-200 за напади длабоко на руска територија. Според британското разузнавање, проектилите со тежина од 7,5 тони и долги 36 метри треба да погодат цели во таа земја со беспилотни летала.

Ракетниот систем С-200 за време на Советскиот Сојуз се користел за противвоздушна одбрана и всушност е претходник на помодерните модели С-300 и С-400, а според Британците, проектилите истрелани од С-200 веќе погодиле цели во Русија, поточно во регионот Брјанск, северно од Украина.

Не е јасно колку такви напади се регистрирани, но руската новинска агенција ТАСС во саботата објави дека Киев се обидел да го погоди Крим со прилагоден систем С-200.

Украинците не ја презедоа одговорноста за нападите на руска територија, но неколку официјални лица имплицираа дека тие се случиле.

Но, Украина не се потпира на застарениот С-200 затоа што е погоден за напади на копнени цели, туку за да ги замени своите сè помали резерви на балистички ракети Точка.

Во својата противвоздушна конфигурација, С-200 може да погоди цели до 300 километри и на височини од 40.000 метри. Кога ракетите се пренаменети за напад на копнени цели, нивниот дострел треба да биде многу поголем.

Секоја батерија С-200 се состои од радар за следење и водење на проектили до цели и шест лансирни рампи во кои има по еден проектил. Повлекувањето на С-200 од употреба во Украина започна во 2001 година, кога се случи сериозен инцидент.

Имено, за време на вежби на брегот на Црното Море, по грешка бил соборен летот 1812 на Siberian Airlines, кој летал од Тел Авив во Израел до Новосибирск во Русија.

Загинаа 66 патници и 12 членови на екипажот, по што Украина ја забрани употребата на системите С-200 и С-300 и го забрза повлекувањето на моделот С-200 од употреба.

„Ударите во руска територија имаат стратешко значење бидејќи рускиот претседател Владимир Путин ја нападна Украина верувајќи дека тоа нема да има голем ефект врз Русите“, пишуваат британските разузнавачи. „Поради растечките закани, раководството на руските воздухопловни сили веројатно е под голем притисок да ја подобри противвоздушната одбрана над западна Русија“, се додава.